Фото: Fotis Christopoulos на Unsplash

Грчката авиокомпанија „Ејжиан ерлајнс“ планира повторно да ја воспостави авиолинијата меѓу Атина и Скопје од 15 февруари годинава. Летовите ќе се одржуваат два пати неделно, а авионските билети веќе се пуштени во продажба на веб-страницата на оваа авиокомпанија.

Плановите се авиолинијата меѓу двата града да се одржува со авионот АТР-42 со 48 седишта. Резервацијата за билети може да се направи не само за претстојниот зимски ред на летање, туку и за патувањата што граѓаните би сакале да ги реализираат и за летниот ред на летање, кој вообичаено стапува на сила на крајот од март секоја година.

Инаку, летовите меѓу Атина и Скопје беа возобновени во ноември 2018 година, но поради ковид-19 пандемијата истите беа прекинати кон средината на март 2020 година, по затворањето на Меѓународниот аеродром Скопје, по што „Ејжиан ерлајнс“ минатото лето донесе одлука да ги прекине летовите кон најголем дел од дестинациите на Балканот.