Египетските мршојадци летаат за опстанок, на три континенти ќе се трча за нивна поддршка

Под мотото „Птиците го поврзуваат светот“, Македонското еколошко друштво, ги кани сите граѓани на 10 Октомври, Денот на птиците преселници, да истрчаат или отпешачат една милја. Настанот, кој се одржува на три континенти, Европа, Азија и Африка, се организира за подигнување на јавната свест за опасноста во која е опстанокот на мршојадецот, кој, во летниот период може да се сретне и во Северна Македонија.

„Секоја година овие птици заминуваат на нивното патешествие долго повеќе од 2.500 километри кон Централна Афирка, каде што презимуваат. По повод Светскиот ден на птиците преселници, на 10 октомври ги покануваме сите да ни се приклучат во „трката со египетските мршојадци“, во која сите заедно ќе се обидеме да надтрчаме тим од три египетски мршојадци, Џени, Соломон и Изи, кои се веќе тргнати кон Африка, а нивниот напредок го следиме со помош на GPS предаватели“, информираат од МЕД и посочуваат дека минатата година на овој настан учествувале околу 4.000 луѓе од шест држави.

Годинава, трчањето ќе се организира во повеќе држави од Балканот, Блискиот Исток и Африка, а организатори се девет навладини организации од Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Нигерија, Етиопија, Кенија и Либан. Граѓанските организации сметаат дека е краен момент да се сврти вниманието на јавноста кон овие птици, кои се исклучително важни во синџирот на исхрана, а се пред истребување. Во светот, драстично е намален бројот на мршојадци, а главната причина секаде е антропогениот фактор. Како резултат на тоа, кај нас се целосно истребени два вида мршојадци, а популацијата на белоглавиот и египетскиот мршојадец е десеткувана. Египетскиот мршојадец има статус на глобално загрозен вид според Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN) и строго заштитен вид според Бонската и Бернската меѓународна конвенција. Во нашето законодавство се наоѓа на листата на видови под строга заштита, а земјава останува една од последните држави на Балканот каде може да се сретне.

Кај нас, настанот за поддршка на овие птици се промовира под слоганот „Дали можеме заедно да истрчаме повеќе од египетски мршојадец за време на миграција?“. Сите кои сакаат да дадат свој симболичен продонес во борбата за опастанок на египетскиот мршојадец и да истрчаат или отпешачат 1,6 километри, треба да се пријават на фејсбук страната на МЕД, а официјален реден број за трката се добива на линкот -https://forms.gle/NDZaPQNt7sYj9U9u8. Доколку сакаат, учесниците можат да подигнат и маица за трчање од канцеларијата на МЕД со тимот на египетскиот мршојадец. Трчањето е предвидено за 10 Октомври, на било која локација, улица, парк или некаде во природа. Рутата може да се сними со некоја од мобилните апликации за трчање, а фотографиите, видеата и резултатот да се споделат на социјалните мрежи со хаштаг #𝗮𝗺𝗶𝗹𝗲𝗳𝗼𝗿𝘁𝗵𝗲𝗘𝗩, #𝗔𝗠𝗙𝗧𝗘𝗩 #𝗘𝗩𝗡𝗲𝘄𝗟𝗜𝗙𝗘, #𝗪𝗠𝗕𝗗𝟮𝟬𝟮𝟬.