Ефтимов: Студентите, професорите и факултетите не се подготвени за онлајн испитна сесија

Борјан Ефитмов, претседател на Универзитетско студентско собрание / Фото: Лична архива

Се чини дека пандемијата со корона вирусот не ја забави академската година, но сепак го усложни процесот на студирање. Дневните соби ги заменија предавалните и амфитеатрите, а присуството сега се евидентира преку онлајн видео повици. Студентскиот лидер, Борјан Ефтимов дециден е дека овој начин на настава не може да биде целосна замена за редовните предавања бидејќи дел од факултетите имаат практична настава и лабораториски вежби за кои е потребно физичко присуство. Освен ова, Ефтимов го посочува и проблемот за онлајн испитите, кои треба да се реализираат набрзо, односно во месец јуни.

„Сè уште имаме неизвесност за начинот на кој ќе се спроведат испитите и сè е во експериментална фаза која не гарантира успех. Факултетите немаат искуство во реализирање на онлајн испитни сесии и поради тоа мораат да бидат претпазливи“, изјави за Мета претседателот на Универзитетското студентско собрание (УСС), Борјан Ефтимов.

УСС го застапува ставот дека е потребна дигитализација на Универзитетот и отворање на можности за учење на далечина (online learning). Меѓутоа за да се имплементира ваков систем, како што вели Ефтимов, потребна е добра стратегија и сериозни финансиски средства кои би се вложиле за специјализирани платформи преку кои студентите ќе имаат можност да ја следат наставата и можеби да полагаат испити.

„Во моментов најголем дел од професорите, студентите и факултетите не се подготвени за онлајн испитна сесија која би ги задоволила стандардите кон кои се стремиме. Кога велам не се подготвени, сакам да кажам дека не постои тестирано техничко решение за спроведување на испитите, а дел од студентите немаат соодветни електронски уреди и услови за полагање“ појаснува Ефтимов.

Тој вели дека УСС скептично и претпазливо гледа кон онлајн полагањето и смета дека кон истото треба да се премине претпазливо и само доколку е неизбежно. Сепак, нивниот предлог води кон тоа да се огранизираат испити кои можеби ќе бидат исцрпувачки процес и за двете страни, но ќе бидат далеку подобро решение од импровизираните испитни сесии.

„Може да претпоставиме дека факултетите, доколку сакаат, ќе можат да организираат испитна сесија со соодветно организирање на испитите и следење препораките за физичка дистанца и безбедност на студентите. Може да организираме продолжени испитни сесии во кои ќе има повеќе термини за полагање во кои студентите ќе полагаат во мали групи каде што ќе може да се држи дистанца“, вели Ефтимов.

Студентскиот лидер стравува дека најголемата опасност е продолжувањето на праксата во која образованието е на дното на листата на приоритети за сметка на останатите „поважни“ прашања. Според него, отсуството на сериозни инвестиции во образованието ќе придонесе за продлабочување на проблемите кои веќе постојат.

„Дел од тие проблеми се: недостаток на наставен кадар, инфраструктура во распаѓање, несоодветна и застарена литература, минимален буџет за наука и истражувања, минимални средства за унапредува на студентскиот стандард и многу други проблеми“ наведува Ефтимов.

Тој смета дека е неопходно реално да се гледа на ситуацијата во македонското високо образование, кое не е на задоволително ниво поради проблемите кои се провлекуваат со години.

„Доколку не инвестираме во образованието, тогаш не можеме да очекуваме општествен напредок, бидејќи образовните институции се тие кои треба да ги создадат новите генерации кои ќе можат да придонесат за подобрување на целото општество“, дециден е студентскиот лидер, Ефтимов.