Вкупно 204 лица, од кои 80 со име и презиме, биле на последната верзија на Регистарот на Комисијата за лустрација, која од 2009. до 1 септември 2015 година утврдуваше дали кандидати за носители на јавна функција, сегашни или поранешни носители на јавна функција соработувале со органите на државната безбедност од 1944 до 2006 година. Владата во вторникот на својата 172 седница утврдила текст на предлог-закон за поништување на сите решенија за лустрација, како и обесштетување на лустрираните.

Регистарот, како и Комисијата за верификација на фактите, а и нејзината веб-страница одамна не постојат, но „Мета“ успеа да дојде до верзија на Регистарот која на интернет била отворена на 20 септември 2017 година, полни две години по укинувањето на комисијата.

На овој список се вкупно 204 лица, од кои 80 со име и презиме и матичен број. Идентитетите на останатите се избришани поради тоа што се починати, решенијата за нивна лустрација ги поништил суд, или нивните податоци биле прикриени од безбедносни причини.

Од вкупниот број лустрирани, 78 се со конечно решение на комисијата, 78 лица се наведени како починати и со избришани податоци за идентификација, за 44 лица податоци се избришани поради судско поништување на решението на комисијата, а за  четири лица податоците не се објавени поради членот 36 од тогашниот закон за лустрација, кој предвидува:

„Не се откриваат и јавно не се објавуваат документи чие откривање или јавно објавување би ја загрозиле државната безбедност или би ги загрозила или влошила интересите на Република Македонија во меѓународните односи, или би создало сериозна опасност по животот на некое лице.“

Но, за поништените решенија Томе Аџиев, претседателот на поранешната комисија, тврдеше дека биле поништени „од формални причини“.

Комисијата за верификација на фактите, Лустрациската комисија, беше формирана во 2009 година со Законот за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност, а беше укината на 1 септември 2015 година. Според законот, Комисијата утврдуваше „соработката на лица – кандидати за носители на јавна функција или јавно овластување, поранешни и сегашни носители на јавни функции или поранешни и сегашни вршители на јавна дејност или јавни овластувања – со органите на државната безбедност“ во периодот од донесувањето на Декларацијата на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија – АСНОМ за основните права на граѓанинот на Демократска Македонија на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година до денот на започнување на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (во сила од 1 септември 2006 година).