fbpx

Едвард Џозеф: Софија може да ги поткопа темелите на македонската држава

-

По падот на коалициската влада на Бугарија, предводена од Кирил Петков, на која вчера ѝ беше изгласана недоверба, во официјална Софија треба да уследат консултации на бугарскиот претседател Румен Радев со парламентарните групи пред да реши на која партија или коалиција ќе го врачи првиот мандат за составување нова влада, а тоа би требало да биде „Продолжуваме со промената“ (ПП) на Петков, известува Бугарското национално радио (БНР).

Петков ќе има седум дена за да достави предлог за нов кабинет. Ако не успее, вториот мандат од претседателот Радев би требало да оди кај втората најбројна партија ГЕРБ на Бојко Борисов, која вчера порача дека ако добие мандат, ќе го врати на претседателот. Потоа Радев ќе треба да реши на која од останатите пет парламентарни групи ќе го даде третиот мандат.

Ако и тој обид биде неуспешен, бугарскиот претседател Румен Радев, ќе треба да формира техничка влада, да го распушти парламентот и да свика нови избори. Тие би можеле да се одржат најрано во последната седмица на септември или во октомври.

Како што пишува познатиот политички аналитичар Едвард Џозеф во својот коментар во „Форин Полиси“, ваквиот развој на настаните – да се формира техничка влада – би бил застрашувачки, затоа што во таков случај на чело на техничката влада би можел да се врати блискиот соработник на Радев, Стефан Јанев, кој беше технички премиер, а во регуларната влада на Петков и министер за одбрана.

„Јанев папагалски го повтори описот на Путин за војната на Русија во Украина како ‘специјална воена операција’, по што беше разрешен од Кирил Петков. Враќањето на Јанев како технички премеир би било катастрофа за Западот во ситуација кога Путин се обидува да ја разурне транс-атлантската солидарност“, коментира Џозеф.

Тој вели дека најновиот развој на настаните е всушност настапување на „балканската криза“ на американскиот претседател Џо Бајден.

„Рускиот претседател Владимир Путин би можел да дочеката владата на Бугарија – членка на ЕУ и НАТО – да биде превземена од неговите сојузници, предводени од претседателот на земјата, Румен Радев. Многу скоро земјата од жив поддржувач на Кијив би можела да се пресврти кон отворена усогласеност со Москва“, нагласува Џозеф.

Сепак, порачува тој, има начин да му се оневозможи ваква победа на Путин, и тоа со тактика што администрацијата на американскиот претседател Бајден би требало да ја спроведе речиси веднаш.

„Клучното е да се претвори главното прашање што Радев го употребува – разулавениот национализам против соседите Македонци – во инстантнa и трајна политичка предност“, вели Џозеф.

Во коментарот објавен десетина часа пред да биде изгласана недоверба на владата на Кирил Петков, Едвард Џозеф вели дека предводени од Радев, „московските лојалисти во Софија користеа Кремљовски застрашувачки тактики против помалиот сосед, Северна Македонија“.

„Наместо бомби, Софија го блокира Скопје за отпочнување преговори за зачленување во ЕУ сè додека Македонците не попуштат пред бугарските барања. Петков би сакал да го крене ветото, но неговите противници се на влакно од тоа да го соборат поради овој став. Креиран од прорускиот Борисов во ноември 2019 година, менливиот бугарски ултиматум наликува на ставот на Путин кон Украина“, пишува Џозеф.

Аналитичарот потсетува дека ситно-душните спорови за историја и територија се многу присутни на Балканот и во други делови на Источна Европа – и целосно погодни за користење од страна на Кремљ.

„Во Бугарија сојузниците на Путин се решени да го употребат процесот на проширување на ЕУ за да ја подријат сувереноста на сојузничката во НАТО, Северна Македонија. Под превезот на загриженост за ‘еднаквоста на македонските Бугари’, како што Радев го вели тоа, Софија бара политички промени, како што се квоти во јавната администрација и општо прифаќање на бугарскиот идентитет. Во комбинација со натурени промени во историскиот наратив, Софија може да ги поткопа темелите на македонската држава. Москва знае дека ова ќе подготви терен за понатамошна дестабилизација во регионот, бидејќи Србија, Грција и Албанија би изнеле свои историски и територијални барања за земјата“, објаснува Џозеф.

Во однос на „францускиот предлог“ за кревање на бугарското вето за земјава и актуелната политичак криза, Џозеф во својот коментар вели дека претседателот на САД, Бајден, би требало да најде мудро решение.

„Решението е САД (и сојузниците, како Обединетото Кралство, коешто би можело да го следи Вашингтон) да влезат во билатерални културни договори со Северна Македонија што го поддржуваат македонскиот идентитет. Договорот би можел да биде бргу склучен во рамките на неодамна почнатиот Стратешки дијалог меѓу САД и Северна Македонија“, препорачува Џозеф.

Аналитичарот вели дека тоа може да се направи со земање на главната содржина од Членот 7 на Преспанскиот договор, којшто се почитува од двете страни на Атлантикот.

„Владата на САД едноставно би прифатила дека македонскиот народ има своја историја, култура, наследство и македонски јазик – што е токму оној идентитет што бугарските националисти сакаат да го избришат“, пишува Џозеф.

Тој вели дека покрај придобивките што ги носи, официјалното признавање на македонскиот идентитет е истовремено и навистина праведна работа.

„Тоа ќе значи сопирање на силеџиството во Кремљовски стил од една НАТО членка кон помала НАТО членка што го бара своето место во Европската Унија“, завршува Џозеф.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...