ЕДУИНО организира „Игратон“ – креативен предизвик за деца од 3 до 10 години

По повод 20 Ноември, Светскиот ден на детето, тимот од колективниот портал ЕДУИНО ќе го организира креативниот предизвик ЕДУИНО Игратон, кој преку едукативните игри помага во правилниот раст и развој кај децата.

Од 22 до 28 ноември годинава, во „игратонот“ може да учествуваат сите деца од 3 до 10 годишна возраст во домашни услови со родителите/старателите, во градинките со воспитувачите и во училиштата со наставниците. Дополнителен мотив е и лотаријата за среќните учесници!, порачуваат од ЕДУИНО.

„ЕДУИНО ИГРАТОН е предизвик инспириран од желбата да поттикнеме учење преку игра и да ве запознаеме со некои од нашите омилени активности од отворената библиотека со едукативни активности на платформата ЕДУИНО ран детски развој. Оваа платформа се фокусира на социо-емоционалниот развој на децата од 3 до 10 години и е дел од колективниот портал ЕДУИНО, во реализација на СмартАп – Лабораторија за социјални иновации“, објаснува Милена Игњатова, проектен менаџер на ЕДУИНО.

Во предизвикот може да учествуваат сите деца од 3 до 10 години заедно со нивните родители/старатели во домашни услови, воспитувачи во градинка и одделенски наставници во училиште. За учество не е потребна претходна пријава, треба само да го пополните формуларот со поднесување на вашата реализација на активноста преку фотографија и/или видео од изработката на играта и јавна објава на социјалните мрежи (Фејсбук/Инстаграм). Деталните насоки за учество, листата на активности и предизвици, како и формуларот за пријава можете да го погледнете на линкот.

„Одбраните активности за предизвикот не поттикнуваат компетитивност поради тоа што секој процес на изработка од страна на децата и поддршката од возрасните е подеднакво вреднуван. Како дополнителна мотивација, за креираните изработки на предизвикот, ќе има симболични подароци за најсреќните учесници кои ќе бидат извлечени на лотаријата која ќе се одржи на 30-ти ноември. Овие подароци се иницијатори на нашата желба и понатаму да го поттикнеме учењето преку игра како и да ги мотивираме нашите учесници да реализираат што повеќе активности“, ни раскажа Соња Чаловска, координатор на ЕДУИНО-игратонот.

ЕДУИНО е проект на Бирото за развој на образованието (БРО) и е поддржан од Министерството за образование и наука (МОН), Министерството за труд и социјална политика (МТСП), УНИЦЕФ и Владата на Обединетото Кралство преку Амбасадата во Скопје.