Фото: Министерство за надворешни работи

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, работната посета на Република Австрија утрово ја започна со средба со федералната министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер. На средбата беше потврдена поддршката од австриска страна, но и личната заложба на министерката Едштадлер за отпочнување на преговорите за членство на Северна Македонија во Унијата и беа разменети мислења во однос на натамошните чекори за реализирање на европската перспектива на земјата и техничката помош од Австрија во таа насока.

Едшадлер посочи дека Северна Македонија дури го смени и името за да постигне вистински чекори кон Европа, потсетувајќи дека под германското претседателство се вложија огромни напори за да се реши бугарската блокада, но тоа не успеа.

„Немам разбирање за тоа дека Бугарија понатаму блокира. Апелирам до Бугарија, овој отпор да го заврши. Ние понудивме, во Виена, како неутрално место да продолжат разговорите. Досега оваа понуда не беше прифатена, но сакам јасно да кажам дека настанува вакум ако оваа перспектива на пристапување не ја претвориме во дела и тој вакуум ќе биде пополнет со други земји што сакаат да извршат влијанија, како Кина, Русија“, рече Едшадлер на заедничката прес-конференција во Виена со Димитров.

Вицепремиерот пак истакна дека С.Македонија мора неодложно да ја добие долгоочекуваната и заслужена валидација преку одобрување на преговарачката рамка и одржување на меѓувладината конференција.

„Потребни се одлучни чекори за да се врати силата на европската визија во регионот. Придвижувањето на евроинтегративниот процес ќе значи зголемена доверба, влијание и предвидливост на европската перспектива согласно австриската позиција дека нема друга алтернатива за процесот на проширување со Западниот Балкан, а ќе внесе позитивна динамика и нова енергија неопходна за унапредување на имиџот на ЕУ како стратешки актер“ рече Димитров.

Меѓу другото, Едштадлер ја прифати поканата за посета на земјава што треба да биде реализирана на почетокот на мај годинава.