Една трансакција со биткоин произведува е-отпад колку справувањето со два фрлени Ајфони

Фото: Лечение Наркомании from Pixabay

Трансакцијата на секој биткоин создава количество на електронски отпад коешто е еднакво на фрлањето во канта на два Ајфони, покажува истражувањето на Централната банка на Холандија и Институтот за технологија во Масачусетс.

Британскиот весник Гардијан пишува дека веќе се познати некои од негативните ефекти од „копањето“ биткоини, но ова најново истражување го сврти вниманието кон огромното количество на харвер којшто се користи за оваа намена, а којшто по неговото искористување, треба да влезе во процесот на управување со отпад.

За да се врши „копањето“ биткоини потребна е матична плоча, графички чипови и вентилатор, но главен проблем се чиповите, кои за процесот на „копање“ да биде исплатлив, корисниците на крипто валути постојано мораат да ги менуваат своите чипови со понови, помоќни и попрофитабилни.

Резултатот од ова е огромно количество на електричен отпад што се создава низ светот, коешто постојано расте бидејќи „животниот век“ на графичките чипови е помал од една и пол година.

Податоците во истражувањето покажуваат дека лани целокупната мрежа на биткоин процесирала 112,5 милиони трансакции, што значи дека за секоја индивидуална трансакција со биткоин биле создадени најмалку 272 грама е-отпад. Тоа е тежината на два мини Ајфони 12, велат истражувачите.

Истражувачите предупредуваат дека мора да се најде поодржлива варијанта на процесот на „копање“ биткоини, бидејќи целиот свет наскоро ќе се соочи со растечкиот проблем како да се справи со електронскиот отпад. Чиповите кои се користат за „копање“ биткоини не можат да се употребат за некоја друга намена, така што тие немаат никаква употребна вредност откако ќе се заменат со понови.