Фото: Арбнора Мемети

Точно една година помина откако Република Северна Македонија го регистрираше првиот случај на коронавирус. Се работеше за педесетгодишна скопјанка која еден месец престојуваше во Италија. Веќе на 6 март, во дневниот биланс беа додадени и двајцата сопружници од Дебар, позитивни на корона вирус, кои се враќале од Бреша, Италија, а со кои се возеле уште 40 патници. Кога бројките почнаа да растат во Дебар и во Центар Жупа, Владата донесе одлука за прогласување кризна состојба во овие општини. Малкумина можеа да претпостават тогаш дека во годината што следи, животот целосно ќе се промени.

Во меѓувреме, на 10 март имаше клуч на врата за училиштата, факултетите и градинките, а децата почнаа да учат од дома, преку ИКТ уреди. Оние кои немаа уреди, настава следеа на телевизија. Ваквата состојба предизвика целокупниот образовен систем да подлежи на реформи.

Бројките растеа, па на 18 март, претседателот на државата Стево Пендаровски прогласи вонредна состојба. Ова беше прва вонредна состојба на територијата на целата држава од остамостојувањето наваму.

Надлежните секојдневно одржуваа прес-конференции на кои информираа за бројот на новозаразени и на кои постојано ги повторуваа мерките кои населението треба да ги почитува – одржување растојание од два метри, задолжително носење маска, миење редовно раце и негрупирање.

Изминатата година ја одбележаа целосни карантини, како и забрани за движење во определен временски период. За прв пат по осамостојувањето, на 22 март 2020 година беше воведена ригорозна мерка – полициски час на територијата на целата држава, па во периодот од 21 до 6 часот наутро беше забрането движењето надвор. Луѓето во паника ги преполнуваа аптеките и маркетите, пазарејќи за подолг временски период, иако надлежните смируваа дека не може да се случи да ги снема потребните намирници од рафтовите.

Следуваше најдолгиот карантин во траење од 85 часа за Велигденските празници. Целосна забрана за движење имаше и за првомајските празници.

Каде сме денеска? 

Една година подоцна, билансот на вкупно заболени лица е 101.214, бројот на излекувани пациенти е 90.685, а како резултат на ковид-19 починаа 3.111 наши сограѓани. Вакцини за македонското население нема, односно има само за здравствените работници кои работат со ковид пациенти, а кои се вакцинираат со дози на „Фајзер“ кои во два наврати ги добивме како донација од соседна Србија. Точно по една година, во земјата е регистрирано присуство на повеќе мутации на вирусот, а загрижува фактот што некои од нив се шират многу побргу од првичниот вирус.

Проф. д-р Никола Пановски, микробиолог и професор на Медицинскиот факултет, кој уште од почетокот во чекор ги следи сознанијата и случувањата поврзани со ковид-19, оценува дека изминатата година имало многу лутања, заблуди, лажни вести и грешки, како на светско, така и на локално ниво.

„Можеме да кажеме дека изминатава година многу научивме, па затоа се очекува следнава година да биде полесна за сите. Мерките нема да бидат драстични како што беа“, вели Пановски.

Тој додава дека фактот што ги немаме вакцините, зборува сам по себа за нашата држава, особено што се прошири мутација на вирусот против која вакцината дава заштита.

Што регистрираат испитувањата на МАНУ?  

Според последната анализа на МАНУ, каде што се правени испитувања за присуство на Sars-Cov-2 варијантите, во заклучоците стои дека во земјава се детектирани шест различни соеви и 35 варијанти на вирусот.

„Q677H мутацијата во доминантната B.1.1.70 варијанта е една од можните причини за вториот бран на ширењето на ковид-19. Регистрирани се голем број на нови варијанти во последните два месеци. B.1.1.7 (британската) варијантата прогресивно се шири во последниот месец и е присутна кај 50 отсто од испитуваните примероци. B.1.258 варијантата исто така покажува тренд на забрзано ширење во последниот период, а B.1.351 (јужноафриканската) и P.1 (бразилската) варијанта, сè уште не се присутни во
нашата држава“, пишува во анализата на МАНУ.

Проф. Пановски вели дека оваа анализа покажува дека од декември досега, 20 отсто од вкупно заболените се од британската варијанта. Тој посочува дека оваа варијанта најмногу ја има во Прилеп.

„Единствената добра страна на ширењето е тоа што вака се стекнува побрзо колективен имунитет. И да се надеваме дека овој сој побрзо се шири од јужноафриканскиот, врз кој како што посочува МАН, моменалната вакцина е многу помалку ефективна, што не е случај со британскиот сој“, вели Пановски.

Вакцини за населението – нема 

Иако напредокот во технологијата и одлучноста на светските лидери придонесе за рекорден период да се дојде до ефикасна вакцина, се чини дека вирусот е секогаш еден чекор понапред. Додека мутациите и различните варијанти забрзано се шират во целиот свет вклучувајќи ја и Северна Македонија, во недостиг на доволно вакцини и капацитет за брза и масовна имунизација на населението, впечатокот е дека сме на почетокот на нова, втора пандемија на мутираниот вирус.

Изминативе месеци, здравствените власти неколку пати најавуваа дека ќе пристигнат вакцини за граѓаните. Но, процесот на имунизација започна само за здравствените работници кои работат со ковид-пациенти во ковид-центрите низ државата. Вкупно 8.000 дози од „Фајзер-БиоНтек“ вакцината ги добивме како донација од Србија, а според информациите од Министерството за здравство, нарачаните 200.000 дози од кинеската вакцина „Синофарм“ сè уште не се тргнати на пат за во земјава. Во меѓувреме, владата одлучи дека може да набави уште 100.000 дози од руската вакцина „Спутник V“. Минатата година, пак, беше најавено дека на почетокот на оваа година 800.000 дози вакцини ќе пристигнат преку КОВАКС системот, но сè уште нема ништо од оваа најава.