Фото: Твитер-профил Шекеринска

„Ако со еден збор треба да го опишам денешниот настан, тој збор е – успеавме!“, рече премиерот Зоран Заев на денешната свеченост по повод првата годишнина од приемот на Македонија во НАТО.

По 21 година минати како кандидат за членство, Северна Македонија конечно стана членка на Алијансата на 27 март лани, кога в.д. амбасадорката во САД, Вилма Петковска, во Стејт Департментот му го предаде „инструментот за пристапување“ (оригиналниот документ за македонска ратификација на Северноатлантскиот договор) на заменик државниот секретар за Евопа и Евроазија, Филип Рикер.

„Пред една година остваривме една од најважните стратешки цели за државата усвоена со едногласна одлука на Собранието уште во 1993 година. Членството во НАТО е израз на нашата надпартиска, мултиетничка и државничка одлука за тоа дека патот напред е патот на демократијата, сигурноста, безбедноста,“ рече Заев на свеченоста во скопската касарна „Илинден“, на која се обратија и претседателот Стево Пендаровски, министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска и командантот на Сојузничката команда на здружените сили во Неапол, адмирал Роберт Бурк.

– Честитки за првата годишнина од членството на Северна Македонија во #НАТО. Заедно ќе продолжиме да ја зацврстуваме нашата долгогодишна соработка во одбраната и ќе придонесеме кон колективната безбедност како партнери и сојузници во НАТО, напиша британската амбасадорка Рејчел Галовеј на својот твитер профил. 

Со подигање на македонското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел и пред пред Сојузничката команда за операции во Монс, Белгија и во Сојузничката команда во Норфолк, Вирџинија на 30 март, НАТО и формално и посака добродојде на својата 30-та сојузничка.

„Чекавме дваесет години, најмногу од сите кандидати во историјата на организацијата. При тоа бевме свесни за една вистина: членството не е гаранција дека нема да се соочуваме со предизвици, но е гаранција дека нема да се соочуваме сами,“ нагласи претседателот Пендаровски, врховниот командант на вооружените сили, во своето обраќање.

Со церемонијата на подигање на македонското знаме пред командите на НАТО на 30 март лани заврши македонската одисеја долга 26 години, 3 месеци и 4 дена од Одлуката на собранието за пристапување кон Северноатлантскиот сојуз и 20 години, 11 месеци и 2 дена откако на 25 април 1999 година на Самитот на НАТО во Вашингтон официјално стана кандидат за членство.

Поканата за македонското членство во НАТО дојде на Самитот во Брисел во јули 2018 година, по потпишувањето на Преспанскиот договор, со што престана грчкото противење на македонското членство во Алијансата. На 6 февруари 2019 година НАТО потпиша протокол со кој ја повикаа Македонија како договорна страна на Северноатлатскиот договор, а по два дена, Грција стана првата земја чиј парламент го ратификуваше пристапниот протокол за македонското членство во Алијансата. На денешната свеченост, над касарната „Илинден“ прелетаа три авиони-ловци Ф-16 на грчкото воено воздухопловство, кое веќе една година ја врши задачата на воздушно патролирање на македонското небо како дел од НАТО аранжманот за контрола на воздушниот простор на сојузниците.