Една година по затворањето на факултетите и студентските домови: „Никој не можеше да претпостави што нѐ чека“

Студентски Дом - Гоце Делчев во Скопје
Студентски Дом - „Гоце Делчев“ во Скопје | фото: WIkimedia Commons

Со препорака на Комисијата за заразни болести, а на одлука на Владата, на денешен ден минатата година беше соопштено дека се затвораат сите градинки, основни и средни училишта, високи школи и факултети во државата. Наставата во основното, средното и високото образование беше прекината, а беше донесена одлука да се затворат и сите ученички и студентски домови, па станарите кои престојуваа таму беа испратени дома.

Почетокот на пандемијата на коронавирус во државата требаше само привремено да го запре воспитно-образовниот процес, но никој не очекуваше дека истата ќе има далекусежни последици.

Mинистерот за здравство Венко Филипче на 10 март минатата година изјави:

Да се прекине воспитно-образовниот процес и настава во сите детски градинки, основни и средни училишта на територијата на целата земја во наредните 14 денови. Се прекинува наставната дејност и процесот во високообразовните установи на територијата на целата држава, како и во јавните научни институти

Прес-конференција на Венко Филипче
Министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција во март 2020 / фото: Влада на Република Северна Македонија

Оваа вест ги израдува повеќето студенти и ученици, кои не ја криеја возбудата поради непланираниот прекин на наставата, па своите реакции и шеги ги споделуваа и на социјалните мрежи. Но, тоа што никој тогаш не го знаеше е дека образовните институции и домовите нема да ги отворат своите врати ни во наредните неколку месеци. По истекот на првично предвидените четиринаесет денови, Владата ја донесе и Уредбата со законска сила за примена на Законот за високото образование за време на вонредна состојба, со која беа уредени начинот на изведување на студиските програми и проверката на знаењето на студентите. Препораката беше наставата во образованието да почне да се одвива со примена на средства за електронска комуникација – преку најразлични видео платформи, апликации и преку телевизија.

По неколку недели и полагањето на колоквиумите и испитните сесии почна да се спроведува со помош на технологијата и интернетот, по што на сите им стана јасно дека незавидната ситуација нема да се промени и дека речиси сите учесници во образовниот процес уште долго ќе останат дома.

Една година подоцна

И по една година најголем дел од студентите и учениците сè уште ја следат наставата и ги полагаат испитите од своите домови. Но, за разлика од минатиот десетти март, денес повеќето се тажни што се наоѓаат дома, наместо во предавална.

Студентката Викторија Ѓорѓиева од Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер вели дека изминатава година лесно се прилагодила на новиот начин на учење од далечина, но додава дека ѝ недостасува близината и непосредниот контакт со колегите и префесорите. Поголемиот дел од испитите ги полагала преку уреди за електронска комуникација, а за предавањето на лекциите вели дека има недостаток од креативност за поттикнување на интеракција со студентите.

„Да се навикнам на онлајн настава, искрено, не ми беше толку тешко, го сфатив тоа како гледање документарец со материјал од областа која си одбрал да ја студираш, само што не ти ја пренесуваат актери, туку професори кои си ги познавал од порано. Но, сепак, да се фокусираш на предавање во амфитеатар со плус 80 студенти околу тебе и да слушаш сам пред монитор, не е исто и тоа беше најтешкиот дел од ова „новото“. За паузите помеѓу предаватањата и да не зборувам. Не е споредливо. Искрено оваа година ја чувствувам како „испуштена“ година. Повеќето професори само сакаа да го поминат материјалот, не трудејќи се да создадат некој покреативен начин за да се привлече нашето внимание, а ние бевме таму само за „плусот“ за присуство“, тврди Ѓорѓиева.

Викторија Ѓорѓиева
Викторија Ѓорѓиева / фото: лична архива

Таа на предавањата и полагањата се соочила и со проблеми од техничка природа, но службите на факултетот биле достапни и подготвени, па ги решавале истите.

„Како проблеми со кои се соочивме оваа и минатата академска година би ги издвоила закажаните, а неодржани предавања. Доцнења, паѓање на конекција и директно исклучување од полагање. Но, од друга страна, сите профсори беа достапни на меил, исто како и службата за студентски прашања, така што проблемите се решаваа брзо“, објаснува Ѓорѓиева.

На прашањето дали мисли дека овој начин на учење треба да стане примарен во иднина, таа одговара негативно.

„Во никој случај. Чекам да се врати нормалното образование. Физичкото присуство, одењето на предавања, комуникацијата со колегите не би можело да се заменат со онлајн комуницирањето. Живееме во дигитална ера, така што одењето на предавања нè оддалечува од тоа виртуелно секојдневие и нè потсетува дека сепак има живот надвор од седум-инчен екран“, децидна е Ѓорѓиева.

Носталгија за животот во студентските домови

И студентските домови денес се поинакви. На овој ден пред една година се испразнија и нивните ходници и мензи. Во собите останаа само личните работи на станарите, по кои тие се вратија после три месеци.

„Веста за затворањето на домот јас и моето друштво тогаш ја дочекавме со разочарување, но истовремено во тој момент сфативме дека штом надлежните се одлучиле за ваков чекор, тогаш ситуацијата е навистина сериозна“, вели студентката Јована Михајлова

Јована Михајлова е студентка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство. Кога почнал да се зголемува бројот на ковид-позитивни пациенти во државата во март 2020 година, таа престојувала во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје, каде со нејзините пријатели живееле убав и динамичен студентски живот. Вели дека најмалку очекувала да дојде до затворање на факултетите и домовите.

„Олеснителна околност беше што знаевме дека тоа е само привремено, односно ќе важи само во наредните 14 дена. Никој од нас не можеше да претпостави што нè чека, ниту пак дека до крајот на академската година нема да можеме се вратиме таму и да ги продолжиме нашите дружби. Како што се влошуваше ситуацијата и се продолжуваше траењето на полицискиот час, така сфаќавме дека тие неколку месеци ќе мораме да ги поминеме затворени дома“, вели Михајлова.

Јована Михајлова
Јована Михајлова / фото: лична архива

Таа на крај се вратила во студентскиот дом во кој што престојувала претходно, но само за да ги собере личните работи и да се отсели. Додава дека во тие моменти била тажна, но и сигурна оти наредната година ќе го продолжи престојот таму.

„Ни тоа не се случи. Поради онлајн наставата и годинава не престојувам во студентски дом и секако дека тој живот ми недостасува. Од она што можам да го видам, оние студенти кои сега претојуваат таму мораат да почитуваат правила и мерки кои, за жал, ја ограничуваат нивната слобода и дружење, но забавата сега е во втор план, зашто најважно за секој од нас во моментов треба да биде нашето здравје“, вели студентката на ФИНКИ.

Надеж за враќање на нормален живот

Михајлова вели дека ѝ недостасува животот и дружењето во студентскиот дом, затоа што тие моменти биле едни од најубавите во нејзиниот живот. Но, не губи надеж дека во догледно време повторно ќе може да се забавува со пријателите како порано.

„Престојувањето во студентски дом е уникатно искуство за секој студент, односно секој од нас на свој начин го доживува домот. Можам да кажам дека во претходните неколку години, додека престојував таму, имав навистина прекрасни и незаборавни моменти. Почнувајќи од учењето во читална или во соба, до готвењето со моите цимерки и секако дружбите и забавите кои беа неизоставен дел од животот во „Гоце Делчев“, тој период е еден од најубавите во мојот живот. Времето не можеме да го вратиме, но искрено се надевам дека во блиска иднина повторно ќе имаме можност да создаваме такви убави заеднички моменти, без разлика дали тоа ќе биде во студентски дом или на некое друго место“, истакнува Михајлова.

Животот во студентските домови сега е мирен и тивок. Студентите во собите престојуваат сами или со уште еден потстанар, додека собирањата и дружењата им се забранети.  Последната студентска забава се одржа пред повеќе од една година, а според строги протоколи се јаде и во мензите.