Една година од слетувањето на роверот „Истрајност“ на Марс, што постигна оваа мисија досега?

Марс
Симулација на слетувањето на роверот „Истрајност“ на Марс / фото: НАСА

Денеска е годишнината од денот на успешното пристигнување на познатиот ровер на НАСА, „Истрајност“ (NASA’s Perseverance Mars Rover) на Црвената планета. Неговата главна мисија е да ги истражува трагите за постоење на микробиолошки живот преку собирање примероци на почва и карпи, коишто на Земјата ќе бидат донесени за истражување.

По неговото тргнување на 30 јули 2020 година и успешното слетување седум месеци подоцна, експертскиот тим на НАСА прави резиме на сето она што досега успеале да го откријат преку својата амбициозна мисија со роверот „Истрајност“.

Во текот на изминатава една година од слетувањето, Хјустон хроникл пишува дека роверот успеал да собере шест карпени примероци од Марс. Истите можат да им помогнат на научниците при нивното дополнително истражување за знаци на микробиолошки живот на оваа планета.

Преку роверот беше испратен и мал хеликоптер што успеа во назначената мисија –  досега леташе дури 19 пати. Хеликоптерот има тежина од 1,8 килограми на Земјата, односно 0,45 килограми на Марс и тој е првото летало што имаше контролиран лет на друга планета освен Земјата. Тој досега леташе во времетраење од повеќе од 30 минути за растојание од повеќе од 2 милји.

По целта на научниците да произведуваат кислород од јаглерод диоксид во атмосферата, инструменталната апаратура што ја донесе роверот успеа да го претвори јаглеродниот диоксид во кислород, што значи дека истото ќе има големо влијание за напреднување на идните астрономски мисии.

Вградената камера со 13 мегапиксели овозможува НАСА да добие пристап до снимки од Црвената планета, почнувајќи од самото слетување до денес. „Истрајност“ е првиот ровер со вградени микрофони кои ги снимаат звуците на Марс.

Експертскиот тим верува дека темелниот камен што се наоѓа под тркалата на роверот е формиран од вжештена магма. Тие се убедени и дека карпите што се наоѓаат во кратерот неколку пати дошле во допир со вода во текот на времето, а некои од нив содржат органски молекули.

Ова е само почеток на мисиите предвидени за истражувањето на Марс. Научниците со децении сакаат примероците од карпите и почвата на Марс да ги донесат на Земјата за проучување во лабораториите, поради тоа што дел од големите и сложени инструменти за испитување не можат да се испратат на Марс. „Истрајност“ сега го овозможува ова со тоа што на површината на Марс ќе ги остави зачуваните примероци. Одделна мисија ќе биде испратена подоцна за да ги донесе овие примероци на Земјата, но тоа се претпоставува дека ќе се случи некаде околу 2031 година.

Тимот на НАСА во чест на успесите што ги постигна роверот во текот на изминатата година на своите профили на социјалните мрежи отвори можност за поставување на прашања поврзани со мисијата, што подоцна како видео го постави на Јутјуб, Фејсбук, и Твитер.