fbpx

„Единствена Македонија“ „по советски“ ги сече неподобните од фотографиите

-

Случајот со атрактивната руска пратеничка и радио и ТВ водителка Инга Јумашева, која во четвртокот била задржана на њујоршкиот аеродром „Џон Кенеди“, каде допатувала за учество на американско-руски форум, изнуди реакција и од македонската партија „Единствена Македонија“ на Јанко Бачев, која ја нарекува руската пратеничка „голема пријателка на Македонија“.

Реакцијата на Фејсбук-страницата на „Единствена Македонија“ е илустрирана со три фотографии, од кои на една е Јумашева во парламентарната фотелја, на втората таа се ракува со Бачев, а на третата се гледаат таа и Бачев како стојат пред карта на светот.

Токму третата фотографија е најинтересната, бидејќи е резултат на една интервенција, при што, како што ќе покажеме, од оригиналната фотографија (која беше испратена до медиумите во земјава по посетата на двајцата на Москва) е едноставно исечен д-р Стефан Влахов Мицов.

Како во времето на Сталин.

Причината за тоа може да ја најдеме во кавгата која се случи меѓу Бачев и Мицов по референдумот за името минатата година, по што Мицов беше исфрлен од партијата.

Но, исфрлен е и од фотографијата – едноставно е исечен делот од оригиналната фотографија на која се наоѓа Мицов,а притоа е зафатен и дел од десната рака на Јумашева.

Сосема налик на ревизија на историјата, почнувајќи од времето на Ленин, развивајќи се во владеењето на Сталин, но продолжувајќи и подоцна во времето на Хрушчов, кога некогашните партиски и државни функционери и други видни фигури кои паднале во немилост биле ретуширани од фотографии, при што целосно се бришеле нивните ликови и фигури и била исцртувана позадина.

Првиот таков случај на отстранување некого од фотографија е случајот со Лав Троцки.

Погорната фотографија е од прославата на втората годишнина на Октомврската револуција, на 7 ноември 1919. На неа еден до друг се Ленин (во средина во најгорниот ред) и Лав Троцки (салутира, со офицерска капа и очила). Но кога подоцна Троцки и неговата клика паѓаат од власт, таа фотографија доживува „историска“ ревизија, па со ретуширање се бришат и Троцки и човекот меѓу Ленин и Троцки, па човекот на левата страна на фотографијата, веднаш до тој со калпакот што салутира, како и човекот со калпак во најдолниот ред на десниот дел на фотографијата, веднаш до детето.

Бришењето личности од фотографии го има и во времето на Хрушчов, во ерата на првите космонаути. Така, Григориј Нељубов, кој многу ветувал во почетокот на својата обука за космонаут, но по некое време бил исфрлен поради лошо однесување, а потоа се самоубил, исто така доживеал фотографско бришење, како што може да се види на двете фотографии подолу.

Но случаите на бришење на ликови од фотографиите не се ограничени само на СССР, туку истото се правело и го има и во Кина, Северна Кореја, нацистичка Германија…

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Германија добива онлајн регистар на донори на органи

Германскиот онлајн регистар на донори на органи вчера беше отворен со две години задоцнување. Министерот за здравство Карл Лаутербах оцени дека тоа придонесува за транспарентност и поголема подготвеност на...