Единствен трошовник за сите студенти, ревизија на системот на стипендирање и формирање кариерен и културен центар, најавува новиот студентски лидер на УКИМ

Ева Цветковска
Ева Цветковска, претседателка на УСС УКИМ / фото: лична архива

Студентката Ева Цветковска од Правниот факултет е новиот лидер на студентите на првиот универзитет во државата. Делегатите на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во четвртокот ја изгласале Цветковска за претседателка на Собранието.

Таа била единствената кандидатка што се пријавила за оваа позиција, а доаѓа на местото на досегашниот и прв претседател на УСС, Борјан Ефтимов.

Цветковска вели дека новоформираното универзитетско студентско собрание во својата работа ќе стави акцент на дигитализацијата на универзитетот и унифицирањето на сите трошоци кои ги плаќаат студентите.

„Приоритете на кои ќе го фокусираме нашето работење се: дигитализација на целиот високообразовен процес која би се движела во две насоки – целосна дигитализација на административното работење на факултетите, и воспоставување на постојана дигитална платформа за далечинско учење (прикачени предавања, материјали, евалуација, испити итн); намалувуање и унифицирање на сите дополнителни трошоци кои студентите ги плаќаат на факултетите во првата фаза. Откако овој единствен „трошовник“ ќе биде донесен, ќе се залагаме државата да ја преземе обврската за нивно плаќање“, вели Цветковска.

Покрај тоа, додава дека ќе се залага и за воспоставување на бесплатни и постојани психолошки служби на ниво на УКИМ, кои би биле достапни за секој студент на универзитетот.

Цветковска најавува и ревизија на моменталниот систем на стипендирање и формирање на работно тело од експерти во областа кои ќе предложат нова стратегија.

„Задоцнетите плаќања и лавиринтите од бирократски процедури мора да останат во минатото. Потребен е нов систем и нови дополнителни стипендии“, децидна е Цветковска.

Во фокусот на работата на новата студентска претседателка на УКИМ ќе биде и подобрувањето на инфраструктурата на кампусите и домовите, реновирање на читалните, воспоставување студентски сервиси, финансирање и унапредување на научно-истражувачката дејност и практичната настава, но и создавање на културен и кариерен студентски центар.

„На студентите им е потребен простор за дружба и творење. Од една страна се залагаме за реновирање на даден физички простор и негово приспособување и пренамена во студентски културен центар. Од друга страна планираме и студентски културен центар во мобилна варијанта, на начин што ќе набавиме потребна опрема за одржување на културни настани која студентите ќе можат да ја движат и да одржуваат претстави, свирки, изложби во други градови и надвор од државата“, вели Цветковска.

Цветковска е втора претседателка на студентското собрание на УКИМ, откако со новиот Закон за високо образование од 2018 година беа наложени промени во организирањето на студентите и нивното учество во управувањето на универзитетите.

Мандатот на новата претседателка на УСС трае една година, со можност за реизбор.