„Единици и нула“ – изложба на Тома Димовски за севкупната дигитализација на животот

Фото: kejtz, се користи со одобрение

„Единици и нула“ е новата изложба на Тома Димовски која беше поставена вчера во скопскиот парк „Ибни Пајко“.

Отворената изложба, една од ретките што се поставуваат на отворени локации беше претставена преку 20 метарски долго платно кое беше закачено на ѕидот што ги дели зградите на Македонската Филхармонија и Национална опера и балет. На ѕидниот релјеф се проектираше мрежа составена од трепкачки единици и нули кои ја симболизираат дигитализацијата што е сè поприсутна во речиси секоја форма на денешното живеење.

„Дигитизацијата на информациите од својата појава во 70-тите до денес е во постојан подем. Истата несомнено го постави и дититалниот уметнички простор процесирајќи ги ликовните уметнички дела од аналоген во дигитален формат. Ако знаеме дека целата дигитализација е претставена со 0 и 1, тогаш изгледа дека целиот наш живот е нула и единица. Нема Томе, нема Иван, нема сликарство, нема вајарство, нема литература, нема филм, нема музика. Единствено има единица и нула и единствено ако имаш процесор истите може да станат слика“, опишува авторот во најавата за изложбата.

Подлогата за прикажување на бинарниот систем од кој се состои делото инаку е комбинација на колаж, спреј и акрилна боја работено на хартија што е залепена за платно. Димовски работел на делото во последните два месеци.

Во најавата за изложбата која ќе биде прикажана и денес од 19 до 22 часот се открива и зошто токму оваа локација е избрана за поставување на изложбата.

„Дали се затапува чувството за јавен простор во кој се поставува и посетува уметност? Сите сме сведоци дека со дигиталната комуникација многупати го губиме чуството за другоста, разноликоста, и светот станува едноличен – сведен на нули и единици набиени во низи, едни налик други. Претпоставувајќи дека единствено во комуникација со крајниот гледач делото ја добива својата вредност оваа изложба ќе се потруди чувствено да не врати кон себе со цел да не приближи кон другите. Истовремено ќе нѐ потсети дека Скопје нема улична галерија“, се вели во најавата од организацијата „Партизанска Штампа“.

Фото: Мета.мк

Димовски смета дека дигитализацијата толку длабоко се темели во секојдневието на човекот што таа полека ги заменува сите основни структури на неговото знаење и умештво.

Фото: Мета.мк

„Дигитализацијата и зависноста од неа оди до таму што со постоењето на помагала за цртање постои можност да се заборави на цртањето на хартија со молив, дека постојат најразлични техники и технологии во сликарството. Дали сето тоа „знаење и тајни“ ќе се замени со пен-таблет?“, запрашува Димовски.

„Буниште“ – Тома Димовски, Фото: Мета.мк

Покрај главното изложбено платно, посетителите можеа да погледнат и дел неговите дела од изложбата „Буниште“.

Тома Димовски е роден во 1968 година во Скопје. Тој дипломирал етнологија на Природно-математичкиот факултет, а потоа продложил на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на професорот Антони Мазневски. Тој твори од својата 13 година. Неговите најблиски го опишуваат како вистински борец и творец Тома кој боледува од церебрална парализа. Својата прва самостојна изложба ја има одржано во Велес во 2018 година. Од тогаш има направено повеќе самостојни изложби меѓу кои се „Рефлексија на невидливото“, што е првата, „Буниште“ изложба одржана во Галеријата на Факултетот за ликовни уметности во 2020 година.

Проектот е поддржан од Министерството за култура.