Германските власти трагаат по 21-годишен маж осомничен дека е поврзан со нападот во Берлин, во кој едно лице загина, а најмалку 16 беа повредени. Полицијата го идентификуваше осомничениот како Абдул Б, објави Гардијан.

Според полицијата и обвинителството, осомничениот во саботата повредил повеќе лица со возило во центарот на Берлин. Властите соопштија и дека едно или повеќе лица потоа го напуштиле возилото, а неколку луѓе, наводно, биле и избодени со нож.

Полицијата предупреди дека осомничениот може да биде вооружен и опасен и ги повика граѓаните да избегнуваат директен контакт со него.

„Осомничениот ѝ е познат на полицијата. Тој ни е познат како член на исламистички кругови овде во Берлин, а потрагата по ова лице се одвива со полна сила“, изјави портпаролот на берлинската полиција, Флоријан Нат.

Сепак, полицијата засега нема информации за конкретниот мотив, точниот тек на настаните или за улогата на осомничениот во нападот.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц вети дека одговорните за нападот ќе бидат казнети.

Според досегашните информации, возачот на бело комбе нешто пред 22 часот свртел кон патека во паркот Тиргартен, во близина на Бранденбуршката порта и трасата по која претходно во текот на денот се одржувала Парада на гордоста. Возилото удрило во повеќе луѓе, а потоа се забило во дрво.

Меѓу повредените има и лица со повреди опасни по живот, соопшти полицијата.

Возилото подоцна било пронајдено празно, поради што властите продолжија со интензивна потрага по осомничениот или осомничените. Според сведочење објавено од германскиот таблоид „Билд“, од комбето излегол маж кој побегнал пеш.

Во потрагата се вклучени хеликоптери и полициски единици од повеќе германски покраини.