fbpx

Еден загинат, 156 патници извлечени од „Норман Атлантик“

-

Трагедијата на „Норман Атлантик“, кој утринава се запали на отворено море во близина на островот Крф, ја зеде првата жртва. Портпаролот на грчкото министерство за поморство, повикувајќи се на потврдени информации од италијанската крајбрежна служба, објави дека еден маж загинал во интервенцијата за негово спасување. Според информациите, до несреќниот случај дошло кога човекот се лизнал и загинал во обидот да биде спасен и извлечен. Жртвата патувала заедно со својата сопруга, која, исто така, се лизнала и паднала во вода, но успеала да се спаси.

Извлекувањето на патниците од „Норман Атлантик“ и натаму продолжува. Досега од бродот, од вкупно 478 патници, извлечени се и спасени 156 патници, кои се распоредени на три од вкупно седум патнички и товарни бродови што се наоѓаат во близина на „Норман Атлантник“, еден е на спасувачки брод, а малкумина се пренесени во Лече.

На бродот се и тројца македонски граѓани. Според списокот на патниците кој го објави „Прото тема“, на бродот од Македонија биле Арифи Д., Даути Џ. и Даути А. (татко и син), кои се заведени со кодот МК. Сè уште нема информации дали се на бродот или се пренесени на безбедно.

Спасувачката мисија ќе продолжи и во следните часови и во текот на ноќта, сè додека не се извлече и последниот патник. Кај поморските и крајбрежните служби продолжува надежта и оптимизмот дека ќе успеат да ги извлечат на безбедно сите во следните неколку часа. Мракот ја зголемува загриженоста за текот на мисијата, која веќе се соочува со проблеми поради лошите временски услови.

Спасувањето се одвива со хеликоптери. Според информациите, има наредба хеликоптерите да пренесуваат по шест луѓе одеднаш. Од грчка страна беа испратени два нови хеликоптери од Крф, но поради лошото време не успеаја да му се доближат на бродот. Се испраќаат и нови спасувачки бродови во обид да се помогне.

Портпаролот на грчкото министерство за поморство најави дека продолжува спасувачката мисија и покрај тешките услови и ќе трае, ако е неопходно, и цела ноќ.

Патниците се борат со времето и со лошите услови повеќе од 10 часа. Сите се на палубата и од 5 часот изутринава се борат со студеното време и со дождови, од една страна, и со пламените јазици од подрумот и од гаражата на бродот, од друга страна.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ниту едно од поглавјата за преговорите со ЕУ не е отворено

Во својата програма за парламентарните избори во 2020 година, СДСМ вети дека 80 отсто, односно 25 од 33 поглавја за влез во ЕУ, ќе бидат отворени до крајот на нивниот...