Во Охрид е притворено едно лице под сомнение дека ги оштетило возилата на охридската судијка Билјана Белеска – Пројкоска и на обвинителот Никола Довлев, дознава „Мета“ од извори во полицијата. Исто така, притворениот се доведува во врска и со двојното убиство во охридски ресторан во 2014 година.
Лицето било повикано во СВР Охрид во саботата, а вчера му е одреден притвор од 30 дена.
Возилото на судијката Белеска беше демолирано ноќта спроти 6 март годинава, во близина на нејзиниот дом на улицата „АСНОМ“ во Охрид. Искршени беа двете ветробрански стакла и двете стакла од совозачката страна на возилото, а на него не беше оставена никаква порака.
Истрагата на полицијата се обидувала да утврди дали се работи за обично разбојништво или случајот има поврзаност со работата на судијката, која работи како кривичар во Основниот суд во Охрид.
Според изворите на „Мета“, претходно имало провална кражба во домот на судијката.
Изворите од истрагата исто така потврдија дека притворањето на лицето се доведува во врска со судењето за двојното убиство што се случи во угостителскиот објект „Император“ во Охрид, во август 2014 година. Извршителот беше осуден на доживотна казна затвор од Основниот суд во Охрид за убиство на сопственикот на ресторанот и уште едно лице.
Судењето беше повторно спроведено на барање на Апелацискиот суд од Битола, но Судот во Охрид ја повтори одлуката за казна доживотен затвор.