Нееднаквоста меѓу богатите и сиромашните е сè поголема, а еден отсто од најбогатите поседуваат половина од светското богатство, се наведува во извештајот на швајцарската банка „Креди Свис“.

Според резултатите од истражувањето, првпат во Кина има повеќе луѓе кои ѝ припаѓаат на средната класа (109 милиони), во однос на САД (92 милиони).

Како што е наведено, околу 70 отсто од возрасните лица во светот, односно 3,4 милијарди лица поседуваат помалку од 10.000 долари, додека 383 милиони лица или осум отсто од популацијата има повеќе од 100.000 долари.

„Нееднаквоста во богатството продолжува да се зголемува од 2008 година, па сега еден отсто од богатите поседуваат 50,4 отсто од вкупното богатство“, стои во соопштението.

Швајцарската банка оценила дека 14 отсто од возрасните лица во светот ѝ припаѓаат на средната класа и тие поседуваат од 50.000 долари до 500.000 долари.