Еден од обвинетите за убиството на новинарката од Малта доби 15 години затвор

Еден од тројцата обвинети за поставување и детонирање на бомбата која ја уби истражувачката новинарка од Малта, Дафне Каруана Галициа на 16 октомври 2017 година доби 15 години затвор, откако ја призна вината, јави „Гардијан“.

Винсент Мускат е еден од тројцата обвинети за поставување на бомбата кои првично се изјаснија за невини. Кога вчера му беше изречена казната, беа уапсени уште три лица, кои се сомничат како изработувачи на бомбата.

Каруана Галиција известуваше за наводна корупција во највисоките нивоа на власт во малата медитеранска островска држава. Истражувачката новинарка добила десетици тужби за клевета и била уапсена двапати пред нејзината смрт. Нејзиното убиство и закочената судска истрага ги доведе во прашање слободата на печатот и владеењето на правото на Малта.

Со години истрагата за случајот беше во застој, но во 2019 година неколку министри од тогашната влада, вклучително и премиерот Џозеф Мускат, поднесоа оставки по наводите за нивната поврзаност со лицата вклучени во убиството.