fbpx

Еден договор, многу зборови

Повод: Потпишувањето на Договорот за Фронтекс

-

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Договорот за оперативните активности на ФРОНТЕКС во Северна Македонија предизика најголемо внимание од сите такви договори на ЕУ склучени со „земјите кои не се членки во ЕУ“. Вниманието не е насочено кон содржината или значењето на договорот, туку кон фактот дека во неговите завршни одредби, наместо досегашната формулација на договорите со ЕУ дека е составен на „службените јазици на страните“, сега се таксативно наведени службените јазици, така што изрично се набележува „македонски јазик“. И претходни договори беа потпишувани и објавувани на македонски, разликата е во именувањето на јазикот. Инаку, ова требаше да се случи веднаш по Преспанскиот договор, но тогаш Предлогот на Европската комисија за потпишување на статусен договор од октомври 2018 година го блокираше Бугарија. Новиот предлог на Комисијата од септември 2022 година не беше блокиран, по двете поднесени декларации во ЕУ, од Бугарија и Македонија, за македонскиот јазик.

Сега да се осврнеме на самиот договор. Најпрвин за Фронтекс – Агенцијата на ЕУ за упрвување со границите и крајбрежната стража. Тоа е една од најголемите агенции на ЕУ. Од почетокот (2004 година) досега значително се зголемени нејзините надлежности. Од агенција со примарно координативна улога, таа се стекна со ефективни овластувања за функционирање на граничната контрола на надворешните граници на Унијата и стана независен субјект во операции, распоредување, следење и истражување. Таа е сега и единствената агенција која има униформирана служба на ЕУ. Истовремено е и највисоко буџетираната агенција на ЕУ, со годишен буџет од скоро 800 милиони евра, осумкратно зголемен во периодот од 2014 до 2022 година, што најмногу се должи на мигрантската криза.

Договорот кој вчера е потпишан е од рангот на т.н „статусни договори“, кои во согласност со Регулативата за Фронтекс ЕУ може да ги склучи со трети земји. Самиот Фронтекс може да склучува „работни аранжмани“, каков што нашето Министерство за внатрешни работи имаше склучено во 2014 година, но тие немаат карактер на меѓународен договор. Статусни договори веќе имаат склучено Албанија, Црна Гора и Србија, а се преговара со Босна и Херцеговина. За разлика од другите слични договори со земјите од регионот, нашиот договор го нема насловот „статусен договор“, иако во самата содржина го идентификува како таков.

Договорот дава правна основа за распоредување тимови на Фронтекс со ефективни овластувања во Македонија и за оперативна соработка (во форма на заеднички операции или брзи гранични интервенции). Се дава и можност за основање т.н. „антени“ – канцеларии на Фронтекс за координација на оперативните активности во земјата. Битни услови се да се обезбеди почитување на темелните права и на правилата за лични податоци. Разлика со веќе склучените договори со другите држави од регионот е што во договорот со нашата земја не се споменува можноста за операции на враќање повратници од земји членки.

Логично е да се постави прашањето врз каква основа досега беа распоредени полицајци од држави членки на македонските граници. Објаснувањето беше дека тоа не беа единици на Фронтекс, туку распоредени полицајци од држави членки на барање на македонската влада. Правна основа се наоѓаше во Законот за гранична контрола, кој овозможува странски полицајци да вршат работи на гранична контрола, но само врз основа на ратификуван меѓународен договор, но такви договори немаше.

Конечно, неизбежно е да се споменат и скандалите кои го „прославија“ Фронтекс последниве години, а кулминираа овој месец со одбивањето на Европскиот парламент да го одобри буџетот на Агенцијата за 2020 година. Континуираните критики од невладините организации за непочитување на човековите права на мигрантите добија своја потврда во наодите на Судот на ревизори за ЕУ. Тие утврдиле дека Агенцијата учествувала во активности за одбивање мигранти од грчките брегови во водите назад кон Турција, а овој извештај „протече“ во медиумите пред објавувањето. Други критики се однесуваа на лошото управување со човечките ресурси, особено на регрутирањето во униформираните тимови, но и непријавени средби со лобисти. Сето ова доведе до оставка на тогашниот директор на Агенцијата, но во европската јавност овие прашања сѐ уште се горлива тема.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Без ниту еден доказ се обвинува НАТО, ИСИС и Ал Каеда за петкратното убиство на Смилковско Езеро

Во објавата што ја рецензираме произволно се тврди дека ЦИА ја креирале Ал Каеда и ИСИС и дека НАТО стои зад масакрот на Смилковско Езеро. За ова не се...