Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) дала 73 поени и со термините „добро управуван“ и „инклузивен“ ја оценила владината апликација за кредит во висина од 55,3 милиони евра за изградба на регионалните депонии по стандардите на ЕУ за пет региони од земјава. Банката на почетокот од јуни годинава треба да ја објави финалната одлука за финансиската поддршка на проектот, за кој како носител на реализацијата се јавува Министерството за животна средина и просторно планирање.
Капиталниот проект за управување со отпадот како кредитно позајмување е поделен во две транши, 47,5 милиони евра ќе се инвестираат во изградбата на регионалните депонии во Полошкиот регион, како и во Пелагонискиот и Југозападниот плански регион. Со проектот ќе треба да се изведе новата регионална депонија „Русино“ (Полог), како и регионалната депонија на местото на дел од површината на досегашниот рудник за јаглен „Суводол“ (Пелагонија).
Дел од рудникот „Суводол“ на РЕК „Битола“ во иднина би прераснал во современа регионална депонија
Покрај инвестирањето во современи регионални депонии, ќе се изведат претоварните станици за отпад во секој од овие плански региони, ќе се изведат системи за складирање на гломазен отпад и ќе се затвори постојната битолска општинска депонија лоцирана во Новаци, за која со години наназад се пишува за опасноста што ја предизвикува по човековото здравје и животната средина.
Со втората транша од 7,5 милиони евра ќе се финансира изградбата на регионалната депонија за Југоисточниот и Вардарскиот плански регион што ќе биде лоцирана во Општина Василево, заедно со претоварните станици за отпад во локалните самоуправи.
Воедно, за сите општини од петте региони ќе се набават контејнери за селекција на отпадот, комунални возила за транспорт на отпадот и соодветна опрема за јавните комунални претпријатија.
Проектот ќе овозможи современо управување на отпадот за околу 1 милион жители во земјава, а од Европската Унија воспоставувањето на регионалните системи за управување со отпад го оценија како еден од националните приоритети во процесот на преговорите на Северна Македонија за зачленување во ЕУ.
Цели 17 години се чека на изградба на регионалните депонии, ЕУ бара акција од властите
Според оценките на ЕБОР, од примарен квалитет е доброто управување со проектот за регионалните депонии. Со неговата реализација ќе се формира и посебен сектор за цврст отпад во Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, која што во иднина ќе ги прошири надлежностите и ќе добие техничка помош за воспоставување на нов оддел кој ќе ги изготвува тарифите за отпадот.
„Во рамките на проектот, МЖССП, за првпат во земјата, ќе ги интегрира барањата за инклузивни набавки во секторот цврст отпад, отворајќи ги за вештините и можностите за вработување за групите кои се наоѓаат во ризик. Инклузивните барања ќе бидат имплементирани во најмалку два од трите регионални тендери, охрабрувајќи ги изведувачите да обезбедат обука на работните места за локалното население, вклучувајќи ги жените и Ромите“, се наведува во позитивната оценка на ЕБОР.
Владата на РСМ во мај лани информираше дека ја испратила апликацијата за кредит до ЕБОР за обезбедување на финансиите за воспоставување на регионалните системи за управување со отпад во пет региони од земјава. Со одобрувањето од ЕБОР, кредитот ќе овозможи конечно затворање на постојните депонии опасни по животната средина што се лоцирани во секоја општина и нивна замена со регионални депонии, во кои ѓубрето ќе се одлага според стандардите на ЕУ.
„Мета.мк“ веќе подолг период наназад пишува за неопходноста од обезбедување на современ третман на отпадот во земјава, чии количества што ги создаваат граѓаните постојано низ годините растат. Имено, најголем дел од ѓубрето завршува или на општинските депонии кои не поседуваат соодветни критериуми за депонирање на отпадот или на дивите депонии кои граѓаните нелегално ги создаваат, загадувајќи ги на тој начин почвите, водите и воздухот.
Заедно со побараните средства од ЕБОР во висина од 55,3 милиони евра, за воспоставувањето на регионалните системи за управување со отпад во петте региони ќе бидат потребни вкупно 72,6 милиони евра.
Министерот за животна средина Насер Нуредини веќе упати апел до општините да не ја кочат реализацијата на регионалните депонии, посочувајќи дека земјава конечно се наоѓа во позиција да обезбеди финансиски средства за нивната изградба.
„Не ни треба секоја година да добиваме барања од општините да правиме нови планови за депонии и да бараме нови локации за депонии. Времето го трошиме само на изработка на документации, имаме не знам колку проекти и анализи, но ниту една инвестиција и изградена инфраструктура за третман на отпадот во земјава“, изјави министерот Нуредини во јануари годинава.