Нов кредит од 2 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) преку Шпаркасе банка – Македонија ќе заврши кај граѓаните, здруженијата за домување и компаниите за сервисни услуги за подобрување на енергетска ефикасност во македонските домови.

Средствата од ЕБОР ќе се позајмуваат за проекти што ќе инвестираат во енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија. Како што информираат од ЕБОР, обезбедените финансии се во рамките на Програмата за поддршка за зелена енергија (GEFF).

„Потенцијалните инвестиции ќе вклучат зелени технологии како изолација, прозорци, топлински пумпи, соларни панели и друго. Зградите во земјата имаат итна потреба од реновирање и поставување на изолација, која се очекува да ги намали трошоците за потрошувачка на енергијата и ќе ја зголеми удобноста. Домаќинствата имаат можност да добијат грант до 20 отсто од вредноста на нивната инвестиција“, се наведува во соопштението на ЕБОР.

Станува збор за втор GEFF кредит кон Шпаркасе банка Македонија, којшто се реализира заради побарувачката на пазарот која го надмина износот на првата GEFF кредитна линија потпишана кон крајот на 2017 година со Шпаркасе Банка Македонија во идентичен износ.

Програмата за поддршка за зелена енергија (GEFF) во нашата земја е дел од оваа програма за Балканот, за која се обезбедени вкупно 85 милиони евра. Програмата лансирана во 2017 година е заедничка иницијатива на Европската Унија, Федералното Министерство за финансии на Австрија и земјите кориснички на фондовите од Инвестициската Програма за Западен Балкан (WBIF).