fbpx

Е-општество.мк: Напредокот со отворањето на податоците е под очекувањата

-

Објавувањето на отворени податоци во земјава доживува квалитетен прогрес во однос на почетоците пред осум години, но за жал не може да се каже дека е тоа очекуваното, бараното темпо. Иако бројките се многу повисоки отколку на почетокот, тоа не е сѐ, потенцира д-р Ирена Бојаџиевска.

„Позитивни примери има, како „Отворени финансии“ на Министерството за финансии, но кога сѐ ќе се спои на едно место, не може да констатираме дека одиме со бараното, со очекуваното темпо. Кога се промовираше ‘опен дата’ културата во Македонија бевме меѓу пионерите, а сега веќе немаме многу импозантни резултати“, вели таа.

Во своето излагање на третата денешна сесија на интернационалната конференција е-општество.мк на тема „Демократијата во дигиталната ера: предизвици и можности“, презентирајќи ги сознанијата од направената анализа на состојбите, д-р Бојаџиевска посочи дека во земјава сепак не е доволно развиена културата на отворени податоци.

Д-р Ирена Бојаџиевска на конференцијата е-Општество.мк 2021. Фото: Мета.мк, 30 ноември 2021

Како што рече, постојат иницијативи на државни институции и локални самоуправи за „отворање на податоците“, сепак во голема мерка на стратегијата за отворени податоци, односно објавување на податоци од широк спектар во машински читлив формат многу почесто се гледа како политика на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).

Односно, тоа повеќе се сфаќа како некаква задача, а некогаш институциите немаат капацитет тоа и да го остварат, посочи таа.

„Од сознанијата до кои дојдовме со текот на годините, одреден дел институции имаат отпор да ги отворат податоците и од страв да не објават нешто што не би смеело заради заштитата на лични податоци“, потенцираше Бојаџиевска.

Таа нагласи дека според сознанијата и искуствата во комуникацијата со институциите, постигањата не би биле возможни без ангажманот од организациите од граѓанското општество, кои обезбедуваат обуки и проекти, но со тоа не се надминува проблемот  – некои институции да немаат доволно човечки ресурси за да го прават отворањето на податоците.

Ќендреса Сулејмани, програмски директор на Фондација „Метаморфозис“ на конференцијата е-Општество.мк 2021. Фото: Мета.мк, 30 ноември 2021

И самото внесување на податоците се прави најчесто рачно и несистематизирано, а тоа е сериозен проблем, потенцираше Бојаџиевска. Најчесто рачно се прави и прибирањето на податоците што треба да се „отворат“ за јавноста, односно и тоа е рачно и неавтоматизирано, а тоа го прави објавувањето или ажурирањето на објавените податочни сетови недостаточно и ретко.

„Самото тоа што некое лице рачно мора да ажурира, не дозволува премногу често да се ажурираат такви податоци, па темпото е на еден месец или на 3 месеци“, рече таа, објаснувајќи дека тоа се премногу долги периоди за некои субјекти што на комерцијална или на некоја друга основа би креирале групи податоци или некои алатки.

Состојбата и во Косово не е премногу сјајна, посочи Делвина Хаџијаха од „Отворени податоци Косово“. Таа објасни дека од формирањето на нивната организација во 2014 година првото големо постигање до кое доаѓаат е создавањето на електронски систем за јавните набавки, но и дека интензивно работат на отворањето податоци не само на централно ниво, туку и многу повеќе на локално ниво.

Според Лазар Поп Иванов од скопскиот Акцелератор Лаб тим, кој работи во рамките на УНДП и во кохезија со други такви тимови во 91 друга земја, едно од големите постигања во полето на податоците е што работејќи макотрпно и главно со собирање податоци, успеале да создадат мапа за скопскиот регион на која што може да се следи колку био-отпад создаваа угостителските објекти во Скопје. Тоа, рече тој, е корисно не само од аспект на заштитата на животната средина и согледувањето какви се состојбите со отпадот, туку и за некои фирми што би можеле да го искористуваат тој отпад.

Интернационалната конференција е-општество.мк на тема „Демократијата во дигиталната ера: предизвици и можности“ продолжува и утре, а ќе заврши в четврток. Во рамките на конференцијата се организира и хакатон за отворени податоци.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...