Фото: Арбнора Мемети

За десет месеци од годинава, односно во периодот од јануари до октомври 2020 година, во однос на истиот период од лани, бројот на туристите во земјава е намален за 60,8 отсто, кај домашните туристи падот е за 20 отсто, а кај странските за 84,2 отсто, објави денеска Државниот завод за статистика, ДЗС. Во истиот тој период има и намалување кај остварените ноќевања за 47,2 отсто, при што кај домашните туристи за 14,1 отсто, а кај странските падот изнесува 84,1 отсто.

Додека бројот на туристите во октомври годинава, пак, во споредба со октомври 2019 година е намален за 65,1 отсто, а бројот на ноќевањата за 59,7 отсто. Според податоците на ДЗС, бројот на туристите во октомври годинава изнесувал 33.929, а на ноќевањата 80.612. Домашни туристи имало помалку за 11,4 отсто, а странски за 87,4 отсто, споредено со октомври 2020 година. Домашните туристи, во однос на октомври 2019 година оствариле помалку ноќевања за 14 отсто, а  странските туристи за 84,8 отсто.

Инаку, утре, на 15 декември, завршува терминот за искористување на ваучерите за домашен туризам, во рамки на кампањата „Дома си е дома“ што Владата ја покрена на 15 јули годинава за поддршка на граѓаните со ниски примања како и за домашните угостителско туристички капацитети во ковид кризата. Според Министерството за економија, досега се искористени 61.648 ваучери од вкупно доставени 100.336 на и-меил адреси. Владата најави дека мерката ваучери за домашен туризам ќе продолжи и в година, за што се обезбедени буџетски средства