Извор на фотографија: Влада на РСМ

Вкупниот обем на трговската размена со странство во месеците јануари и февруари годинава изнесува 2,9 милијарди долари, објави Државниот завод за статистика. При тоа, вредноста на извозот на стоки од Република Северна Македонија е 1,3 милијарди долари и бележи пораст од 21,1 отсто, во однос на истиот период од претходната година. Додека, увeзена е стока во вкупна вредност од 1,6 милијарди долари, што е за 15,1 отсто повеќе споредено со истиот период лани. Трговскиот дефицит во првите два месеца од годинава е 358,6 милиони долари, а покриеноста на увозот со извоз изнесува 78,4 отсто.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализатори на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, делови на седишта и фероникел. Во увозот, пак, најмногу се застапени други метали од платинска група и нивни легури, необработени или во облик на прав, керамички производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба, платина и легури од платина, необработени или во прав и нафтени масла и масла добиени од битуменозни минерали (освен сурови).

Во периодот јануари-февруари оваа година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, РСМ најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Кина.