Бројот на умрените лица во четвртото тримесечје од 2020 година бележи зголемување од 89,1 отсто во споредба со истото тримесечје од 2019 година. Починале 9.465 лицa, од кои 12 биле доенчиња, соопшти Државниот завод за статистика (ДЗС), објаснувајќи дека бројките се последица на пандемијатa со ковид-19 и задоцнувањето на извештаите од одделни матични подрачја од претходните квартали.

Од оваа вкупна бројка, најмногу починати имало во Скопје, 2.504 лица и во Битола, 520.

Според ДЗС, бројот на живородените деца во четвртото тримесечје од минатата година, во споредба со истиот период од претходната, е зголемен за 4,8 отсто и изнесува 4.935 живородени деца.

Природниот прираст е негативен и изнесува минус 4.530, што значи дека за толку лица бројот на живородените деца е помал од бројот на умрените.

Ковид пандемијата го намали и бројот на склучените бракови, но и на разводите. Во 4. тримесечје од ланската година, нови бракови има помалку за 19,7 отсто во однос на истиот период од 2019 година и имало 2.689 склучени бракови. Бројот на разведените бракови, пак, е 540, што претставува намалување за 19,3 отсто споредено со тој период од 2019 година.