Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на АД за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија, за 2024 година, при што се воздржа од изразување на мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и изрази неповолно мислење за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики, наведено е во последниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Државните ревизори утврдиле дека директорот на секторот за финансии и сметководство директно исплаќал аванси за мали добивки на дел од деловните
соработници (околу 320 правни лица со договор за соработка) во износ од 13.971 илјади денари, без да го користи пропишаниот начин на исплата преку Мастер дилер 1.
„Со извршената ревизија е утврдено дека во 2024 година, вкупно остварениот дневен пазар, по основ на продажба на лотариски и електронски игри на среќа кај 10 сопствени продажни места на друштвото, изнесува 46.039 илјади денари (746.970 евра), но истиот не бил редовно уплатуван на платежни сметки во деловните банки на друштвото, иако согласно законската регулатива правното лице е должно сите парични средства од дневниот пазар примени во готовина по било која основа да ги уплати најдоцна до следниот работен ден на својата платежна сметка. За поголем дел од овие трансакции, во износ од 13.054.000 денари, доставени се неуредни и невалидни документи или воопшто не се доставени документи, поради што постои несигурност во однос на вистинитоста на евидентираните настани. Постојат случаи во кои на деловните соработници, на ист ден им се извршени исплати на парични средства и преку благајна и преку Мастер дилер, без логично објаснување за причините и потребата од овој начин на дејствување“, се наведува во извештајот.
За евидентираните одливи (36.465.000 денари) и приливи на парични средства (7.897.000 денари) во готово, по основ на дадени и вратени аванси за исплата на мали добивки кај сопствените продажни места на друштвото, ревизорите утврдија дека поткрепувачката документација е спорна и неверодостојна. За потврдување на оваа состојба од страна на ревизорите обезбедени се изјави од вработените лица во друштвото, со тврдење дека за наведените износи не се примени, ниту вратени аванси во Секторот за финансии и сметководство, што упатува на сомнеж за нерегуларности поврзани со можна злоупотреба на парични средства, како и незаконско работење со благајната и платежните сметки.
„Преку увид во трговските книги на друштвото, анализа на добиените информации од централниот on–line систем за извршените уплати и исплати од продажба на лотариски игри на среќа, како и податоците од on–line платформата со играчки содржини за приредување интернет игри на среќа, утврдени се нереални и неоправдани сметководствени записи за нелогични трансакции по повеќе основи, во вкупен износ од 122.490.000 денари, односно 1.987.377 евра, поради што постои сомнеж за злоупотреба на наведените јавни средства. Во 2024 година, инстант лотаријата е застапена со 12 различни вида на инстант лозови со добивки во пари и предмети. Ревизорите истакнуваат дека евидентираниот износ на неисплатениот фонд на добивки за инстант лотарија во сметководството е за 63.294 илјади денари помал во однос на износот добиен според централниот on–line систем, што не е во согласност со правилата на играта, ја доведува во прашање можноста за исплата на идните добивки и го загрозува интегритетот на Државна лотарија“, се наведува во соопштението.
Во него е наведено дека за 3 инстанти со добивки во предмети (станови, автомобили и електрични скутери), ревизорите утврдиле дека – нема воспоставена сметководствена евиденција за набавените добивки, со можност од неосновано присвојување, дека набавките се вршеле 2–15 месеци пред одобрување на правилата од страна на Министерството за финансии, со што пред време се трошеле пари.
