Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ има повеќе слабости во финансиското управување и работење, несоодветно ја евидентира опремата и градежните објекти, должи комунална такса во висина од 86 милиони денари на Општина Центар, а од друга страна 25 отсто од вкупните побарувања се постари од шест години и без преземени мерки за наплата, констатирал Државниот завод за ревизија. Заради неправилностите и неусогласеностите во работењето на претпријатието и поради нивното значење изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и мислење со
резерва за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.
Опремата и градежни објекти со која располага јавното претпријатие како што се паркоматите, монтажните конструкции, киоск системите и другата урбана опрема не се соодветно евидентирани и не е пресметана амортизацијата на набавените материјални средства во 2024 година кои се ставени во употреба, што има влијание на искажаниот финансиски резултат и квалитетот на информациите и податоците кои ги даваат финансиските извештаи.
„ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ Скопје има искажано побарувања во износ од над 80 милиони денари односно 1,3 милиони евра, од кои над 20 милиони денари односно 331.935 евра се постари од 6 години што претставуваат 25% од вкупните побарувања, за кои не се преземени навремени активности за наплата и не е извршено обезвреднување за оние за кои постои објективен доказ дека претпријатието нема да може да ги наплати“, се вели во ревизорскиот извештај.

Во текот на 2024 година извршен е отпис на побарувања во износ од 2.2 милиони денари за физички лица за кои не е пресметан и платен данок на личен доход во износ од 247.000 денари, со што е оштетен Буџетот на државата. Ревизорите констатирале дека во јавното претпријатие не е извршен попис на дел од средствата, побарувањата и обврските, состојбите не се потврдени со соодветни постапки и утврдено е несогласување кај средствата во благајната, а пописната комисија нема изготвено извештај за извршениот попис. Јавното претпријатие нема донесено сметководствени политики за изготвување, презентирање и обелоденување на финансиските извештаи, завршните книжења за 2024 година не се спроведени во пропишаниот рок, а трговските книги не се заклучени и овозможуваат  ретроактивни промени.
„Заклучно со 2024 година, јавното претпријатие има искажано обврски за комунална такса во износ од 86.3 милиони денари односно 1.404.276 евра, кои не се уплатени во Буџетот на Општина Центар, и најголем дел 79 милиони денари се однесуваат на периодот од 2019 до 2023 година. Поради примена на Правилникот за плати кој не е усогласен со законските прописи и Општиот колективен договор за јавниот сектор, утврдени се неправилности во начинот на пресметка и исплата на платите и надоместоците, во однос на утврдената вредност на бодот, коефициентите на сложеност по работни места и пресметката на додатокот за работа во смени и надоместоците за боледување“, стои во извештајот на ДЗР.
Ревизијата утврди и слабости во благајничкото работење, односно отсуство на интерен акт со кој се регулира ракувањето со готовинските средства, не водење благајнички дневник, некомплетна благајничка документација, како и непреземени мерки за осигурување на готовината што се чува во благајната.
Внатрешна ревизија не е организирана во соодветен организациски облик и не е пополнета со потребниот број внатрешни ревизори.
Утврдени се слабости и во постапките за доделување на договори за јавни набавки во вкупен износ од 4.5 милиони денари. Во дел од постапките се поставени несразмерни услови за учество, прифатени се понуди над проценетата вредност без соодветна анализа и обезбедени средства, известувањата за склучени и реализирани договори не се поставувани во законски рок на ЕСЈН, техничките спецификации не се јасно и недвосмислено дефинирани, а на поставени прашања од економски оператори не е одговорено.