Во државниот буџет не се одвојуваат доволно пари за рамномерен регионален развој односно не се почитува законската обврска за оваа намена да се издвојува 1 отсто од бруто домашниот производ, утврдиле државните ревизори по контролата на работењето на Бирото за регионален развој.

„За 2018 година за поттикнување на рамномерниот регионален развој од буџетот биле издвоени 327 милиони денари, од кои 117 милиони за Бирото за регионален развој и 210 милиони денари за Министерството за локална самоуправа. Ваквиот начин на издвојување средства не се во согласност со член 27, став 2 од Законот за рамномерен регионален развој каде за поттикнување на рамномерниот регионален развој предвидено е издвојување на средства од буџетот во износ еднаков на најмалку 1 отсто од БДП. Имајќи предвид дека во 2016 година БДП изнесувал 598,8 милијарди денари за 2018 година требало да се издвојат 5,9 милијарди денари наместо 327 милиони денари односно 0,05 отсто од БДП што е под законски утврдениот лимит“, укажуваат равизорите.

Оттаму потенцираат дека ваквиот начин на одвојување средства не овозможува реализација на мерките и инструментите насочени кон намалување на регионалните диспаритети.