Министерството за економија и труд во 2024 година не наплатило над два милиони евра од решенија за казни во прекршочни постапки, бидејќи, заради неажурност, дозволиле да застарат, открил Државниот завод за ревизија. Податоците за прекршочни предмети во Министерството во септември 2024 година биле цел на таргетиран напад, а целата архива била неповратно изгубена. Исто така, открива ревизијата на ДЗР, министерството дозволило договор за оградување на парцелите наменети за изградба на фотонапонски електроцентрали да не биде докрај реализиран, а не се заложило да наплати пенали, а немало ниту банкарска гаранција.

Ревизорскиот извештај открива дека до ноември 2024 година, поради настаната застареност на барањата за поведување на прекршочна постапка, Прекршочната комисија донела 1.534 Решенија за запирање на прекршочни постапки, што довело до помалку наплатени приходи во Буџетот на државата во износ од над 127 милиони денари, или над два милиони евра. Дополнително, заклучно со мај 2025 година, од Државен пазарен инспекторат до Министерство за економија и труд се доставени 398 предмети за постапување, од кои 164 се од 2023 година, 152 од 2024 година и 82 од 2025 година.

Ревизијата исто така истакнува дека во септември 2024 година врз софтверот за прекршочни предмети е извршен неовластен таргетиран напад, што резултирало со целосно губење и неповратност на податоците. „ИТ секторот функционира само со 3 вработени од 12 предвидени работни места, нема политики и процедури за информациска безбедност, нема назначено лице за информациска безбедност, ниту е изработена анализа на ИТ ризици. Иако е склучен договор за бекап-софтвер, не е дефинирано континуирано следење и доказ за исправност на резервните копии, а дополнителен ризик е и користењето на застарени оперативни системи без пропишани мерки за заштита“, стои во извештајот.

Сето доа довело Министерството да биде ранливо и да биде предмет на таргетиран ИТ напад во септември 2024 година, што предизвикало недостапност на сите сервиси како што се меил адресите, веб серверот и дата базите.
За потребите од оградување на парцелите наменети за изградба на фотонапонски електроцентрали, Министерството за економија реализирало две фази на набавка. Првата фаза е завршена согласно проектот а втората фаза, од 420.667 евра, не е реализирана, не е предвидена банкарска гаранција за квалитетно извршување на договорот, ниту е склучен анекс за продолжување на рокот, а не се преземени и правни мерки за наплата на договорни казни.

„При анализата на законската рамка со која се регулира вршењето на угостителската дејност, утврдено е дека постојат недостатоци во процесот на издавање на лиценци и категоризација на угостителските објекти. Законот не предвидува задолжителна проверка на исполнувањето на минимално-техничките,  санитарноздравствените, противпожарните и еколошките услови пред издавањето на решенијата за категоризација и лиценците за работа на угостителските објекти, ниту механизам за проверка на отпочнување со работа“, стои во анализата на ДЗР
Исто така, не е дефиниран рок за примена на правен лек против решението со кое се одбива барањето за издавање на лиценца или се одзема лиценцата за вршење на угостителската дејност во ноќен бар, кабаре, диско-клуб и диско-клуб на отворен простор и за истите не се предвидува задолжителен регистар за
издадени лиценци за вршење на угостителска дејност.