fbpx

ДЗР: Институциите недоволно и нецелосно работат за подобрување на родовата еднаквост

-

Иако уште во декември минатата година беше поддржана од меѓународните организации UN Women, УНФПА, Mисијата на ОБСЕ и УНДП, Националната стратегија за родова еднаквост 2021 – 2026 година сè уште не е донесена од страна на Собранието на РСМ. Покрај тоа, на национално ниво не се целосно спроведени мерките и активностите кои се планирани и поставени со донесената тековна Стратегија за родова еднаквост. Ова се дел од утврдените состојби внесени во извештајот „Ефективност на мерките на Владата на Република Северна Македонија за родова еднаквост и соодветни родови буџетски иницијативи“ спроведен од Државниот завод за ревизија.

Ревизорскиот извештај што го опфаќа периодот од 2018 до 2020 година забележува дека треба да се преиспита потребата од формирање на Секретаријат за родова еднаквост и треба да се донесат законски измени и дополнувања во материјалните закони, со цел дефинирање на принципите на родовата еднаквост.

Во стратешка и правна рамка за имплементација и постигнување на целите за родова еднаквост во Извештајот се утврдени и наведени следните состојби: Годишните извештаи за воспоставување на еднакви можности на жените и мажите не содржат заклучоци и препораки. Отсуството на анализи во стратешките планови кои треба да содржат и родово разделени податоци за да се добие јасна слика за состојбите во однос на статусот и положбата на жените и мажите по различни основи. Со предлог Законот за буџетите не се дефинирани поимите родово буџетска изјава/иницијатива, родови индикатори како и родовите цели и не е воспоставен механизам за следење на имплементацијата на Националниот акционен план на Истанбулската конвенција.

Ревизорскиот увид забележува и дека постои недоволна координација и комуникација помеѓу надлежните институции, недостиг на финансиски средства за спроведување и имплементација на процесот на родова еднаквост и родово одговорно буџетирање.

„На институционално ниво потребно е преземање на активности за подигнување на свеста за значењето на родовата еднаквост на раководните лица во институциите, подобрување на кадровската екипираност за спроведување на процесот на родова еднаквост, како и континуирано стручно усовршување на вработените во институциите за родова еднаквост“, стои во ревизијата за успешност.

Во извештајот се наведени препораки за преземање на мерки и активности со што ќе се подобри состојбата со родовата еднаквост во Македонија. Истите се упатени до Собранието и Владата на Република Северна Македонија, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за одбрана и до Министерството за финансии.

Дел од препораките се да се спроведат соодветни анализи при изготвување на нацрт стратешките планови на министерствата и другите органи на државна управа, кои треба да содржат родово разделени податоци со цел правилно насочени стратешки цели, да се зголеми учеството на жените на јавни функции во државата и донесување на Националната стратегијата за родова еднаквост 2021 – 2026 година, а по нејзиното донесување да се донесе и Национален акциски план за спроведување на истата, којшто ќе содржи мерливи индикатори, кои ќе го следат напредокот на остварените резултати и исполнетоста на специфичните цели, се дел од препораките.

„Укажуваме дека е потребно надлежните институции да ги интензивираат активностите со цел посеопфатен пристап за спроведување на процесот на родова еднаквост од страна на сите носители во државата. Со имплементација на дадените препораки се очекува да се намалат ризиците и да се даде придонес во подобрување на процесот за родова еднаквост на жените и мажите, да се подобрат и отстранат утврдените слабости, недостатоци во организацијата и функционирањето на надлежните институции, со цел воведување на концептот на родова еднаквост во сите институции“, се вели во резимето на ревизорскиот извештај.

Целиот извештај може да се види овде.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Македонија гласа: Седми претседателски избори со седуммина кандидати

Денеска се одржуваат седмите претседателски избори во Република Северна Македонија, а за функцијата Претседател на РСМ се натпреваруваат седум кандидати. Со право на глас на Претседателските избори 2024 во Избирачкиот...