fbpx

Двојна жичена ограда, потоа контролни пунктови, па бегалски кампови?

-

Поставувањето дополнителна жичена ограда кај котата 59 на македонско-грчката граница, како заштита од илегални преминувања на мигрантите, очигледно е првата фаза од спроведувањето на договорот меѓу Македонија и европските земји за контрола на бегалската криза во пресрет на пролетниот бран, кој се очекува.

Втората фаза, според најавите, ќе биде формирањето центри за регистрација. Шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, по неформалниот состанок на министрите за надворешни работи, кој викендов се одржуваше во Амстердам, изјави дека Србија, Хрватска, Словачка и Чешка ѝ понудиле на Македонија помош во полицајци, опрема и за формирање центри за регистрација.

– Најважно е да имаме луѓе и опрема за да можеме да ја контролираме границата и да ја спроведуваме регистрацијата на тие места каде што треба луѓето легално да ја минуваат границата – рече Попоски, според кој сеедно е како таа помош ќе биде наречена.

Функцијата на центрите за регистрација, според засега расположливите информации, е идентична со таа на „жешките точки“ (hot spots). Овој концептот беше претставен од Европската комисија (ЕК) кон средината на минатата година. Тој предвидуваше регистрацијата на бегалците преку идентификување и дактилоскопија (земање отпечатоци од прсти) да се врши во земји од ЕУ кои се на првата линија на мигрантскиот бран, односно Грција и Италија, и уште на тие места да биде јасно дали лицата имаат потреба од меѓународна заштита и да им биде дозволен транзит до земјите од ЕУ каде сакаат да бараат азил.

„Жешките точки“ не профунционираа во Грција, судејќи по „жолтиот картон“ што земјата го доби од ЕК и условните три месеци да ја поправи состојбата на терен.

На ова минатата недела реагираше поранешната шефица на грчката дипломатија и моментално одговорна за надворешна политика во Нова демократија, Дора Бакојани, која го праша актуелниот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас, за коментар околу информациите дека Европската комисија планира да ја засили граничната инфраструктура на македонската страна на границата за подобра контрола на бегалците што преминуваат кон ЕУ.

„Планот на комисијата се однесува на градење одредени објекти на територијата на Скопје, далеку од грчката граница. За изведбата на овој проект, постои и идејата за користење пари од заедничките европски фондови на Директоратот за проширување на комисијата“, вели Бакојани во прашањето до Коѕиас, предупредувајќи дека доколку се случи ова, Македонија ќе добие привилигиран третман.

Директорите на полициите на Македонија, Австрија, Србија, Словенија и на Хрватска, минатата недела во Скопје се договорија дека треба да биде направен стандардизиран документ за биометриска регистрација на мигрантите што транзитираат низ западно-балканската рута.

По состанокот, директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Горанче Савовски, соопшти дека е одлучено да не се пропуштаат мигранти што немаат пасош, патуваат со лажни исправи и кои даваат лажен индентитет. Станува збор за една од новите мерки откако во ноември минатата година беше поставен жичената ограда на јужната граница кај Гевгелија и почнаа да се пропуштаат само мигранти од кризните региони, односно од Сирија, Ирак и од Авганистан.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...