Двесте професори се потпишале на иницијатива за поддршка на државниот испит. Во неа се вели дека знаењето е основната движечка сила во секоја професија, па поради тоа цврсто се убедени дека воведувањето на државниот испит во високото образование ќе ја исполни основната и единствена цел заради која се воведува. Оттаму истакнуваат дека автономијата на универзитетот секогаш била и мора да остане тесно поврзана со начелото на јавната одговорност на универзитетите во однос на заштитата и на развојот на општеството и на државата.
„Европските трендови во однос на автономијата на универзитетите е дека таа може да биде одржлива единствено и само преку ефективните механизми на економската одржливост, која, пак, е зависна категорија од вредностите и од услугите што универзитетите му ги испорачуваат на пазарот на трудот. Предлог-моделот за воведувањето на државниот испит во високото образование не е спротивен на македонскиот устав и во ниту еден сегмент не ја повредува уставно загарантираната универзитетска автономија. Со оваа иницијатива велиме „не“ за бизнис-интересите, профитерите и манипулациите во високото образование. Велиме гласно „не“ за купените дипломи; „не“ за оценките со протекции; „не“ за нелојалната конкуренција во и меѓу факултетите и универзитетите, а големо „да“ за знаењето и за квалитетот во високото образование“, стои во писмото.