Две веледрогерии ќе треба да платат казна од 1,7 милиони евра заради незаконско здружување на тендер

Комисијата за откриениот картел ќе поднесе соодветно известување до Управата за финансиска полиција и Јавното обвинителство заради натамошно постапување во кривична постапка

Фото: Photo by isens usa on Unsplash

Вишиот Управен суд со пресуда го потврди решението на Комисијата за заштита на конкуренцијата со кое се утврди дека две големи веледрогерии, Д-р Пановски и Фарма Трејд, склучиле забранет договор – картел при учество во постапка за јавна набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи со потрошен материјал, информираа денеска од КЗК.

Комисијата со решението изрекува глоба на Д-р Пановски во износ од 1.061.000 евра и на Фарма Трејд од 721.000 евра, која е во корелација со штетата која е нанесена на буџетот на државата, а со потврдата од страна на Управниот суд и Вишиот управен суд решението е правосилно и извршно и претпријатијата треба да ја платат глобата во законски утврдениот рок.

„Јавната набавка била распишана во 2016 година од Министерството за здравство кога двете веледрогерии, спротивно на Законот за заштита на конкуренцијата, склучиле забранет договор-картел со кој свесно и со намера да се стекнат со противправна имотна корист на штета на државата го замениле принципот на слободна конкуренција на пазарот со забрането договарање на продажните цени на лековите, се вели во соопштението на КЗК.

Комисијата за откриениот картел ќе поднесе соодветно известување до Управата за финансиска полиција и Јавното обвинителство заради натамошно постапување во кривична постапка.