Две третини од фекалиите што го создаваме и понатаму завршуваат непречистени во реките и подземните води [инфографик]

Фото: Архива на Мета.мк

Во 2020 година немало напредок во делот на заштитата на водите во земјава од урбаните отпадни води. Две третини од фекалиите што се создаваат во населените места и понатаму завршуваат во реките и подземните води, без притоа да се пречистат. Поголеми пречистителни станици за отпадни води минатата година не профункционираа низ градовите во земјава, па така податоците на Државниот завод за статистика не покажуваат процентуални отстапувања во однос на состојбата од 2019 година.

Лани сме создале 105.991.000 метри кубни отпадни води, односно за 0,8 отсто помалку во споредба со 2019 година. Статистичките податоци покажуваат дека домаќинствата се главните создавачи на фекалиите, по што следува стопанството и останатите корисници. Притоа, во 2020 година 66,6 отсто од создадените отпадни води завршиле во водотеците и подземните води како непречистени, додека 33,4 отсто биле третирани во пречистителни станици за отпадни води пред да се испуштат во речните и подземните води.

Во 12-те месеци од минатата година водниот потенцијал на земјава сме го загадиле со 68.325.000 метри кубни непречистени отпадни води. Ова претставува минимално намалување на испуштеното количество на овој загадувач во однос на 2019 година. Трендот од изминативе неколку години покажува дека земјава го намалува процентот на фекалии кои како непречистени се вливаат во реките и подземните води, додека лани целосно сме го искорениле испуштањето на урбани отпадни води во езерата и акумулациите.

Сепак, македонските општини и централната власт треба да изградат пречистителни станици за сите населени места, кои како капитална инфраструктура ќе ги зафаќаат урбаните отпадни води пред нивното испуштање во природата. Податоците на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги велат дека во 80 македонски општини постојат 55 јавни комунални претпријатија кои ги собираат и одведуваат отпадните води, но само кај 17 од нив, канализационата мрежа ги одведува фекалиите во пречистителни станици.

За да се зголеми драстично процентот на пречистени отпадни води, земјава ќе мора да ги изгради пречистителните станици за отпадни води во Скопје, Тетово и Битола, кои воедно се и најголемите населени места. Со нивната изградба и пуштање во функција, над 50 отсто од создадените фекалии во земјава ќе се пречистуваат пред да се испуштат во реките и подземните води.

Од централната власт веќе ветија дека до крајот на годинава треба да се потпишат договорите и да отпочне изградбата на пречистителните станици за отпадни води во Тетово и Битола, кои како инфраструктурни објекти ќе чинат речиси 58 милиони евра. Тендерот за пречистителната станица за отпадни води во Скопје е исто така во тек, а проектот вреден 136 милиони евра треба да почне да се изведува најдоцна до првото полугодие на 2022 година.