Две нови опремени лаборатории на ФЕИТ ќе им бидат на располагање на студентите од следниот семестар

фото: Факултет за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ)

Во новиот семестар, студентите на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) ќе можат да  ги користат новоопремените лаборатории за електроника и електротехника, соопштија од овој факултет.

Опремата е донација од компанијата „Логинг електроникс“, а според деканот на ФЕИТ, Димитар Ташковски, оваа донација е прва во рамките на новата партнерска програма на факултетот.

Донираната опрема за настава се состои од осцилоскопи, функциски генератори, напојувања и мерни инструменти во износ од 600.000 денари.

„Во услови на намалена поддршка од државата во делот на обезбедување на наставно-истражувачка опрема, општествено одговорните компании имаат значајна улога во функционирањето на факултетот, помагајќи ни да го подигнеме квалитетот на наставниот процес, а со тоа се влијае и на квалитетот на инженерите кои се барани на пазарот. ФЕИТ со цел да им се заблагодари на овие компании воведе нова партнерска програма со која и визуелно ќе ги истакнеме нашите партнери, а ќе биде и основа за подлабока соработка со истите: предвидени се предавање на претставници на компаниите, работата на студентите на реални проекти дефинирани од компаниите, менторирање на практичната работа и слично“, истакна деканот Ташковски.

При претставувањето на лабораториите беше истакнато дека мотивацијата на општествено одговорните компании кои соработуваат со ФЕИТ е преку поддршка на студентите со современа и нова наставна опрема да го задржат нивниот интерес да се школуваат дома, а подоцна како квалитетни инженери да останат и да работат на македонскиот пазар.