Министерството за внатрешни работи нема евидентирано лица во црни униформи кои легитимираат граѓани, туку е евидентирана само пријава дека две непознати лица им се заканиле на работници на тетовски „Водовод“ да запрат со работата, изјавил во телефонски разговор за телевизија „Телма“, заменик министерот за внатрешни работи, Земри Ќамили.

Тој нагласил дека е лошо пренесена негова изјава од страна на порталот на албански јазик „Журнал“.

– Не сум кажал дека има вооружени патроли ниту, пак, од мои зборови е извлечен насловот на „Журнал“, „Црни униформи без обележја во Тетово“ – изјави Ќамили.

Во изјава за телевизијата „Алсат-М“, заменик министерот потврдува дека зад настанот во близината на Тетово не се кријат униформирани лица.

– МВР излезе на местото на случката. Двајца работници на тетовскиот „Водовод“ биле оневозможени да работат од страна на две непознати лица. Министерството работи на расчистување на случајот, но не станува збор за црни униформи ниту, пак, за какви било униформи – изјави Ќамили, додавајќи дека информациите што ги објавуваат социјалните мрежи и дел од медиумите немаат врска со реалноста.

Портпаролот на МВР, Иво Котевски, вели дека станува збор за погрешно информирање на дел од медиумите.

– МВР евидентира пријава од граѓани во која се вели дека забележале лице во црна облека. Министерството постапи по пријавата, излезено е на лице место и не е констатирано ништо, истрагата не е завршена. Кога полицијата би евидентирала таков случај, бездруго би презела акција за приведување на такви лица. Доколку бидат забележани лица кои си зеле за право да легитимираат или изигруваат некаква власт бездруго ќе бидат приведени – изјави Котевски за „Телма.

Телевизијата „Алсат-М“ денеска објави снимен видеоразговор преку интернет со Хамди Ндрецај од Урошевац, кој се претставува како командант Пантер. Тој тврди дека околу 250 лица на таканаречената гарда на Илирида патролираат на Шара и во Полог, како и на влезот од Арачиново и во дел од скопскиот регион.

– Патролите се лесно вооружени и засега нема инциденти – изјави Ндрецај за „Алсат-М“.