Две засега непознати лица се сторители на измама, информира СВР Охрид.
„Двајцата, на околу 55-годишна возраст, пресретнале повозрасен жител на Охрид и почнале разговор со него. Притоа, едниот од нив му кажал дека другиот човек е од Израел и дека имал сообраќајна незгода во Охрид поради што морал итно да плати отштета. Тој, од повозрасниот охриѓанец побарал да му помогне на странецот и да му даде пари за плаќање на отштетата, нудејќи му во залог рачен часовник кој, според него, вредел 4.000 евра. Верувајќи во кажаното и со желба да му се помогне на странецот, охриѓанецот му дал 1.000 евра и поверувал дека откако ќе ја платат отштетата, двајцата ќе се вратат и ќе му го вратат заемот што итно им бил потребен“, велат од СВР Охрид.
По примената пријава од оштетениот, СВР Охрид презема мерки за пронаоѓање на сторителите.
Полицијата упати апел до граѓаните, особено до повозрасните, да внимаваат во разговори со непознати, да не наседнуваат на вакви изговори и таквите настани веднаш да ги пријават во полициска станица или на бројот 192.