Две лица од Тетово се лишени од слобоад откако се обиделе да фингираат сообраќајка со четирицикл за да добијат пари за оштета од осигурителна компанија, соопшти МВР.
„С.А.(44) од с.Џепчиште пријави случена сообраќајна несреќа на крстосницата од ул.„135“ и ул.„Саво Тасевски“ во Тетово, каде наводно четирицикл со тетовски регистарски ознаки, управуван од Ш.А.(45) од село Јажинце, излетал од коловозот и се превртел. По преземени мерки полициски службеници извршиле проверка на видеозаписите од безбедносните камери на системот „Сејф Сити“ при што било констатирано дека четирициклот не учествувал во сообраќајна несреќа, туку бил донесен на местото со возило на влечна служба, растоварен и потоа намерно превртен од страна на неколку лица на тротоарот со цел да се фингира сообраќајна незгода“, стои во соопштението од МВР,
Оттаму додаваат дека во координација и по насоки со ОЈО Тетово, четирициклот е одземен со потврда и задржан за понатамошна постапка.
„Полициски службеници ги лишиле од слобода возачот Ш.А. и пријавителот С.А. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „осигурителна измама“. Осомничените се задржани во полициска станица Тетово за понатамошна постапка, по што ќе следи соодветен поднесок“, се додава во соопштението.
