Со положување на цвеќе на местото на несреќата кај селото Ласкарци и Меморијален марш во организација на група граѓани и планинари, денеска се одбележуваат две години од автобуската несреќа во која на 13 февруари 2019 година животот го загубија 16 лица. Автобусот на компанијата „Дурмо турс“ кој сообраќал на релацијата Скопје-Гостивар излета од автопатот кај селото Ласкарци, предизвикувајќи ја една од најтешките сообраќајни несреќи во историјата на земјава.
Гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари и членови на Организациониот одбор за одбележување на двегодишнината од автобуската несреќа претпладнево положија цвеќе на местото на кобниот настан кај селото Ласкарци.
Доцна попладнево, предвидено е да се одржи Меморијалниот марш кој ќе започне од наплатната рампа Гостивар и ќе заврши на градскиот плоштад во Гостивар.
Инаку, и по две години од несреќата кај Ласкарци, судскиот процес против обвинетите сè уште трае и судот нема донесено пресуда. Семејствата на дел од загинатите и повредените лица во сообраќајната несреќа кај Ласкарци побараа и отштета, но и таа не им е досудена до денешен ден.
Во судскиот процес за несреќата кај Ласкарци се обвинети шест лица, меѓу кои е сопственикот на компанијата „Дурмо турс“, раководителот на возниот парк на оваа компанија, тројца вработени во станицата за технички преглед и возачот на автобусот.