fbpx

Две години без Младенов: Нè остави без да ни каже зошто

-

Точно пред две години, на 27 март 2013 година, во ендек кај клучката Хиподром беше пронајдено телото на новинарот и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов, и неговиот автомобил со кој излетал од коловозот на делницата Скопје – Велес.

Настанот предизвика шок и бура во новинарските кругови и во јавноста таа изборна пролет, кои до ден-денешен не стивнуваат бидејќи многу прашања поврзани со смртта на бардот на македонското новинарство останаа неодговорени.

Случајот беше затворен или, поточно, ставен ад акта, како сообраќајна несреќа. Но, јавноста не дозна што правел Младенов таа вечер, каде бил, дали со некого се сретнал и она што остана повод за сомнежи и за непотвредени шпекулации, каде е неговиот мобилен телефон и како тоа никогаш не беше пронајден.

Кривичнот суд и Обвинителството извршија два увиди на местото – вториот по притисокот од јавноста.

Неколку месеци по несреќата, поточно на 10 јули 2013 година, на официјална прес-конференција, на која присуствуваа државниот јавен обвинител Марко Зврлевски, првиот човек на скопското јавно обвинителство, Гордана Гешковска, и министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, смртта на Младенов е прогласена за несреќен случај и беше соопштено дека нема докази што покажуваат дека сообраќајната незгода во која настрадал Младенов е резултат на сторено кривично дело.

Според Обвинителството, причина за несреќата било „неадекватно однесување“, односно наодот на вештите лица покажал „движење по неадекватна траекторија со брзина од 142 километри на час“ во моментот кога Младенов се наближил кај клучката во Хиподром.

Сепак, мистеријата за мобилниот телефон на Младенов остана неразјаснета. Обвинителството соопшти дека телефон не е најден. Не беше утврдено ниту точното време кога настапила смртта.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференцијата посветена на прислушуваните разговори на новинари, соопшти дека од материјалите што ги поседува произлегува дека најприслушуван припадник на седмата сила во државата бил токму Никола Младенов.

Папката со материјалите Заев ја предаде на неговото семејство.

Тој најави дека во снимките што ги поседува има разговори и за смртта на Младенов, кои, како што рече, ќе бидат објавени.

Кога загина, Никола Младенов имаше 49 години.

Тој е роден на 10 март 1964 година во Скопје.

Како млад се занимавал со актерство, а кон средината на 1980-тите години се вработил во весникот „Млад борец“, каде станал еден од предводниците на демократските процеси во тогашна СР Македонија. По „Млад борец“, тој го основа радиото „Либертас“.

Во 1995 година, Младенов го основа неделникот „Фокус“, прв слободен и независен весник во Македонија, под мотото „Неделник на внатрешниот, а богами и надворешниот непријател“.

Останува да се памети максимата на Младенов, која го одразува неговиот новинарски ангажман и критичкиот и бескомпромисен став кон власта, секоја власт што била на чело на државата од нејзиното осамостојување: „Ние сакаме општество на слободни луѓе, кое нуди еднакви шанси за сите, тие сакаат збирштина од безрбетници, кои успеваат благодарение на слепата послушност на партиското племе. И тука – нема компромис!“ (16 ноември 2011 година).

И по неговата смрт, со мал прекин, неделникот „Фокус“ продолжи да излегува.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...