Две французинки волонтираат во Теарце: Доброволната работа помага подобро да се запознаете себеси [видео]

Фаустин Помарел и Камил Ферари, фото: Фисник Џелили / Порталб.мк

Фаустин Помарел и Камил Ферари се две волонтерки од Франција, кои дојдоа во Теарце пред три месеци, преку проектот European Solidarity Corp и се вклучени во работата на Центарот за едукација и развој (ЦЕД). Тие работат главно со децата од оваа општина, едната живее во албанско, а другата со македонско семејство, и за Порталб.мк раскажуваат за нивното искуство овде.

Поголемиот дел од времето Фаустин и Камил работат со деца во Теарце и околните села. Работат на различни проекти: еколошки, спортски, а и држат часови по француски јазик.

Фаустин Помарел, Фото: Фисник Џелили / Portalb.mk

Иако тоа е работа што ја сакаат, Фаустин вели дека се соочуваат и со предизвици, бидејќи првпат ја напуштиле Франција толку долго.

„Мислам дека најголемиот предизвик е да се разбере културата, бидејќи има многу култури, но исто така се различни од нашата култура и ова исто е можност така да го подобриме нашиот англиски јазик бидејќи не е многу добар. Да ги запознаеме луѓето и да ги разберете проблемите на младите во Северна Македонија и др. Мислам дека тоа е тоа“, рече Фаустин Помaрел.

Иако да се напушти родната земја за една година, колку што ќе останат тука е предизвик, од друга страна желбата и страста за волонтирање се чини дека е сé поголема за нив. Камил вели дека преку волонтерската работа можете повеќе да се запознаете и пронајдете себеси и истата носи повеќе придобивки.

Фото: Фисник Џелили / Portalb.mk

„Мислам дека да се биде волонтер е многу добро искуство бидејќи можеш да видиш многу работи, прекрасно е затоа што дава многу можности. Како ние откако дојдовме овде, можеме да одиме на многу состаноци – настани, каде што не можевме да одиме пред да дојдеме овде, убаво е да се види сето тоа. Работиме со деца. Ако не знаете што сакате да правите во иднина, ова може да биде добра можност бидејќи правите неколку работи и можете да изберете каде ќе се пронајдете самите вие. Го подготвуваме денот на екологијата и можеме да видиме дали претпочитаме да направиме нешто во оваа насока или да работиме со деца, има многу можности да се пронајдеме себеси“, рече Камил Ферари.

Фаустине и Камил, меѓу другото, истакнаа дека младите овде се заинтересирани за вон-наставни активности и дека секогаш имаат нови идеи. А пак, велат дека на младите овде им се потребни повеќе можности и активности вон училиштето, да станат дел од повеќе различни организации и клубови.

Двете едногласно му препорачуваат на секој млад човек во земјава да проба со волонтирање, бидејќи истото според нив носи различни придобивки.

„Многу е важно да патувате, ако сте млади, но и ако не сте, затоа што разбирате повеќе другите култури, затоа што е многу важно и во Северна Македонија има многу култури. Кога патувате, исто така се пронаоѓате себеси, како што кажа Камил претходно. Мислам дека можете да имате многу можности во Северна Македонија, да најдете организација како ЦЕД која ќе ви помогне да патувате и да бидете волонтер како нас. Тоа е многу добро искуство што ќе остане во сеќавање“, е пораката на Фаустин.

„Понекогаш е тешко, но многу е важно да се обидете да одите во многу организации за да видите повеќе, дури и ако нема такви организации, да излезете и да ги видите луѓето, да се обидете да ги разберете нивните потреби, да им помогнете и потоа да можат да се пронајдат себе си. Мислам дека тоа може да биде многу добро искуство, а ако сакате да работите потоа, може да ви помогне во CV-то“.

Инаку, во Центарот за едукација и развој (ЦЕД) од 2006 година до сега десетици млади луѓе од земјава и од странство работеле како волонтери во различни активности.