Нова бегалска трагедија се случи во бегалскиот центар Ореокастро во Солун. Една Сиријка и нејзиното малолетно дете загинаа во сообраќајна несреќа, кога возилото на грчки возач удри во нив на патот надвор од бегалскиот камп. Полицијата веднаш го приведе и го уапси 76-годишниот возач, а неколку моменти пред апсењето, човекот успеа за влакно да избегне линч од групата гневни бегалци, со помош на еден постар и двајца помлади бегалци.

Во сообраќајката е повредено уште едно 13-годишно девојче, кое се лекува во болница во Солун и е надвор од животна опасност.

Кобната сообраќајка предизвика нова тензија и вознемиреност меѓу бегалците, кои почнаа насилни демонстрации и инциденти. Во демонстрациите беше запалено возилото што ги усмрти Сиријката и нејзиниото дете. Бегалците палеа контејнери за ѓубре, а се судрија и со полицијата, фрлајќи камења и други предмети кон нив. За да ја смири ситуацијата, полицијата одговори со шок-бомби. Групата гневни бегалци го нападна и возилото на брза помош, кое требаше да ги земе телата на починатите и повреденото девојче. Според сведочењата на членови од екипата за брза помош, бегалците го нападнале и возилото, а потоа и медицинските лица што го внесувале телото на починатото дете со клоци, тупаници и со ножеви. Членовите на екипата едвај успеале да избегаат без да го земат и телото на починатата мајка. Двајца од нив се повредени и се пренесени во болница во Солун.

Според локалните медиуми во Солун, бегалците денеска ќе одржат мирен протест пред бегалскиот камп во Ореокастро, за да побараат возачите да ја намалат брзината во близина на кампот бидејќи често поминуваат покрај него со голема брзина, ставајќи ги во опасност животите на бегалците што се движат по уличките надвор од него.