Двајца загинати при излетување на патничко возило во провалија на Галичица

Полициски службеници со помош од параглајдеристи пронашле патничко возило „фолксваген голф“ со ресенски регистарски ознаки и во негова близина биле пронајдени две починати лица

Фото: Photo by Artyom Kulakov: https://www.pexels.com/photo/a-broken-windshield-of-a-car-2265634/

Вчера околу 13 часот во провалија покрај патот Охрид – Отешево, полициски службеници со помош од параглајдеристи пронашле патничко возило „фолксваген голф“ со ресенски регистарски ознаки и во негова близина биле пронајдени две починати лица, информира охридската полиција.

Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт кај лицата, а полициски службеници констатирале дека се работи за М.Х.(59) и М.Х.(56), двајцата од Ресен, за кои завчера во 22.00 часот нивниот син пријавил дека се оддалечиле од домот со возилото.

Регионалниот ЦУК Охрид, извести дека несреќата се случила на местото викано „Превој“ на планината Галичица. Возилото било паднато во провалија на околу 100 до 200 метри длабочина од регионалниот пат Трпејца – Преспа што води преку Националниот парк „Галичица“.

„Увид бил извршен, а по наредба на јавен обвинител телата на починатите биле дадени на обдукција“, велат од МВР.