Полицијата во Тетово ги лишила од слобода Н.Ќ. (20) од Тетово и Д.Д. (23) од селото Радиовце, а службен разговор бил извршен со 16 малолетници. Тие се сомничат дека околу 18 часот на улицата „Благоја Тоска“ во Тетово во група нападнале 17-годишник и 15-годишник од селото Доброште, општина Теарце, кои излегувале од средно училиште. По нападот, двете момчиња биле пренесени во тетовската клиничка болница за лекарска помош.
Според информации објавени од локалните медиуми, жртвите најпрво биле навредувани со етнички погрдни зборови, по што биле физички нападнати. Лекарите во тетовската болница констатирале сериозни повреди, едниот ученик имал скршен нос, а другиот скршени ребра и рака.
Нападот предизвика реакции во јавноста. ДУИ и Алијансата за Албанците го осудија насилството и побараа од институциите итна акција за идентификација и санкционирање на сите сторители. Двете партии предупредија дека ваквите инциденти претставуваат закана за јавната безбедност и за меѓуетничките односи во земјата.
По документирањето на случајот, МВР најави дека во координација со јавен обвинител ќе бидат поднесени соодветни пријави против нападнатите лица.
