Во текот на вчерашниот ден на хируршките клиники e изведена уште една трансплантација на органи од починат донор, информираше Министерството за здравство.
„Благодарение на хуманиот чин, храброста и емпатијата на едно семејство кое одлучи да даде согласност за донирање на органите од свој близок, двајца пациенти со ретка крвна група добија бубрег и ќе продолжат да живеат нормален живот, без потреба од дијализа“, велат од Министерството.
Оттаму се заблагодарија на семеството на донорот, кои во најболен момент на лична загуба, се одлучиле да ги донираат органите, покажувајќи силна емпатија и човекољубие кон пациентите кои чекаат трансплантација.
„Пациентите кои примија органи се со уреден постоперативен тек. Им посакувам брзо закрепнување и долг живот. Изразувам благодарност и на медицинските тимови од сите клиники кои беа вклучени во процесот на трансплантација“, изјави проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.
Поради ретката крвна група, овојпат на националните листи немало реципиенти за другите органи.
„Трансплантацијата за најголем дел од пациентите е единствена шанса за живот. За други, пак, е можност за поквалитетен живот. Но, таа не може да се случи доколку не постои актот на органодарување. Само благодарение на храброста, несебичноста и емпатијата на семејствата на донорите, трансплантацијата е возможна. Да се подари органи, значи да се подари некому втора шанса за живот“, велат од министерството.