Во близина на селото Зубовце, се случила сообраќајна несреќа во која биле повредени двајца малолетни велосипедисти од Исланд, учесници на Младинските европски олимписки игри.
Според информациите на Секторот за внатрешни работи Куманово, до несреќата дошло кога патничко возило „Фолксваген Пасат“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од 42-годишниот Н.Б. од Куманово, удрило во двајцата велосипедисти кои се подготвувале за денешната велосипедска трка.
Повредените спортисти биле пренесени во Општата болница Куманово, каде им биле констатирани телесни повреди.
Од СВР Куманово информираат дека на местото на несреќата бил извршен увид од страна на нивна увидна екипа, а се работи на целосно расчистување на случајот.
