Секторот за внатрешни работи (СВР) Битола поднесе кривична пријава против 29-годишниот Г.П. од село Ангелци, општина Василево, поради сомнение дека извршил две кривични дела „убиство“ во обид, три „тешки кражби“ и едно дело „недозволено изработување, држење и тргување со огнено оружје или распрскувачки материи“, информира Министерството за внатрешни работи (МВР).

Според полициските информации, во периодот од 2 до 7 јули 2025 година, осомничениот провалил во две викенд куќи во атарот на село Крклино, Битолско, каде не одзел ништо, но причинил материјална штета. Во село Долно Српци, општина Могила, тој насилно влегол во куќа и украл ловечка пушка со калибар 16 милиметри, како и две туби со гориво.

Кулминација на инцидентите се случила на 7 јули во атарот на село Долно Српци, каде што осомничениот пукал кон тројца млади лица, еден 22-годишник и двајца малолетници на возраст од 15 и 16 години. Подоцна, на влезот од село Вашарејца, се обидел да пука и кон полициски службеници, но не успеал. Полицијата реагирала со употреба на огнено оружје, при што е ранет во ногата и лишен од слобода.