Дваесет деца од различни етнички заедници на возраст од 9 до 13 години ќе учествуваат во едукативниот проект „Различни приказни, заедничко платно“, што го реализира Вардар филм – Скопје. Децата ќе работат на интерактивни филмски работилници каде ќе се запознаат со основите на сценарио, камера, актерска игра и монтажа. Практичниот дел ќе биде под водство на филмски професионалци, а во наставната програма ќе биде користена книгата „Како да се сними филм“ од Радивоје Андриќ, која на едноставен начин ги претставува чекорите во создавањето филм.

Како што информираат организаторите, проектот има за цел да поттикне пријателство, креативна соработка и меѓуетнички дијалог преку заедничка работа во областа на филмската уметност.
„Оваа иницијатива не само што ги едуцира младите, туку и го ревитализира просторот на Вардар филм како активен културен и едукативен центар. Децата ќе развиваат лични сцени и идеи, притоа учејќи за различностите, споделувајќи култура и градејќи пријателства преку универзалниот јазик на филмот“, велат од Вардар филм.